Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека времето наредните денови ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, што локално ќе бидат пообилни и поројни, проследени со грмежи и затоа од Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираат да се одржуваат и чистат локалните канали за одводнување и да не се фрлаат отпадоци во нив.
Под влијание на циклонска активност, утре попладне (11 март), во текот на ноќта и во вторник (12 март) времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со врнежи од дожд. Локално, може да се очекува невреме со пообилен и пороен дожд (над 20 л/м2), проследен со силен ветер (над 70 км/х) и појава на грмежи.
Во Скопје утре попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со засилен ветер и грмежи.
„Сите итни случаи да се пријавуваат на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, велат од ЦУК.