ДОБРОВОЛНИТЕ ПРОТИВПОЖАРНИ ДРУШТВА ОД ДОЈРАН И КОНЧЕ НЕМААТ ДОВОЛНО ОПРЕМА И ВОЗИЛА, А ПРВИ ИЗЛЕГУВААТ НА ТЕРЕН

    ДОБРОВОЛНИТЕ ПРОТИВПОЖАРНИ ДРУШТВА ОД ДОЈРАН И КОНЧЕ НЕМААТ ДОВОЛНО ОПРЕМА И ВОЗИЛА, А ПРВИ ИЗЛЕГУВААТ НА ТЕРЕНДоброволните друштва се формирани бидејќи Дојран и Конче немаат свои протипожарни бригади. (Фото: СДК.МК)

    Иако располагаме со минимална опрема и застарени возила од донации, секогаш први интервенираме при пожари, велат волонтерите од двете доброволни противпожарни друштва од Југоистокот „Горици“ од Конче и „Дојран“ од Дојран. Тие од државата бараат посериозен третман, опрема и теренски возила за справување со пожарите во средини до кои на професионалните единици и треба и по половина час за да пристигнат.

    Доброволното друштво „Горици“ од Конче е формирано пред три години. Брои 15 членови, а од опрема имаат цистерна на тракторска приколица која ја позајмуваат и минимална заштитна противпожарна опрема. Претседателот Илчо Ѓеоргиев вели дека се одлучиле да формираат друштво, бидејќи последниве години зачестиле шумските пожари во Општина Конче, а за да стасаат првите возила од Пожарната од Радовиш поминува најмалку половина час.

    „Во друштвото членуваме претежно повозрасни, нема мотивација да се вклучат младите. Немаме ниту возила ниту соодветна опрема. Немаме теренско противпожарно возило, користиме седумтонска тракторска цистерна на ЈП ‘Лакавица‘. Со неа гаснеме кога ќе се појави пожар во Конче и околните села. Треба да се преземе нешто, да добиеме опрема, но и да имаме континуирана обука и едукација за да помогнеме на жителите од Општина Конче при пожар“, вели Ѓеоргиев.

    Не е поразлична сликата и со доброволното противпожарно друштво „Дојран“ иако имаат нешто подобри капацитети. Друштвото брои околу 20 члена. Има опрема претежно од донации и две противпожарни возила кои се стари, но функционални. Претседателот на друштвото Стојанчо Шулев вели дека државата во иднина треба посериозно да гледа на овие друштва кои први излегуваат во средини каде нема професионални единици.

    „Како друштво сме формирани во 2000- тата година, кога имавме голем пожар во Дојран во кој три куќи целосно изгореа. Активни сме десетина членови, додека останатите се по населени места кои се активираат во случај на пожар во нивните села. Ние сме вработени по фирми, но ако се појави пожар се мобилизираме и излегуваме веднаш оти за да стасаат возилата од Гевгелија или од Валандово потребни се минимум 40-тина минути. Се соочуваме со недостиг на опрема за да може подобро да функционираме. Имаме две возила едното е од 1978, а другото 1983 година“, вели Шулев.

    Во отсуство на официјална државна статистика, се претпоставува дека во Македонија има околу 15-тина доброволни противпожарни друштва кои функционираат, иако во Централен регистар се водат околу 34 друштва организирани на доброволна база. За разлика од Македонија, во Бугарија се евидентирани дури 240 доброволни противпожарни друштва во кои членуваат 3.200 лица и се вклучуваат при шумски пожари, но и при технички интервенции.

    „За развојот на доброволни друштва голема и основна улога има државата. Кај нас државата финансиски ја поддржува оваа дејност преку обезбедување дневници за доброволците, нивна обука, обезбедува средства за набавка на опрема и заштитни одела. Едноставно, како еден вид награда за нивниот доброволен ангажман и сето тоа е регулирано во една правна рамка. Доброволците кај нас се еден вид помагатели на професионалните пожарникари. Обично тие најпрво дејствуваат во средините каде ќе се појави пожар. Мора поддршка и контуинирана едукација и обука на доброволците ако сакатме да функционираат ефикасно“, вели Пламен Тодоров од Дирекцијата за заштита и спасување на Бугарија.

    Дел од волонтерите на двете доброволни друштва од Конче и Дојран деновиве се вклучија во обуките со професионални колеги од Југоистокот и Бугарија за да стекнат дополнителни вештини и знаења како да се справат со шумски пожари, но и да спасуваат лица при природни катастрофи што ги организираше Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион во рамките на проектот „Прекугранична соработка за справување со шумски пожари“. Целта на проектот, преку кој беа набавени нови униформи специјални за шумски пожари, е да се формираат и нови доброволни противпожарни друштва во Југоистокот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира