Градежна инспекторка, вработена во Одделението за инспекциски надзор во Опшина Куманово, е уапсена денеска во ресторан во Куманово, додека примала поткуп од 4.000 евра. Според МВР, денеска во 13.30 часот, полицијата по наредба од ОЈО Куманово, заради расчистување на кривично дело Примање поткуп од член 357, ја привела Л. Т., овластен градежен инспектор при Општина Куманово, која била затекната како прима поткуп од 4.000 евра.
„На 25 септември годинава , граѓанин пријавил во СВР Куманово дека овластениот градежен инспектор Л. Т. при Општина Куманово, која вршела контрола на објект во изградба кој оштетениот го градел и на кој пријавената при контрола на записник констатирала отстапување од одобрението за градење, а за да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежно ОЈО или суд му побарала поткуп најпрво сума од 1.500 евра, за да на 31.10.2024 ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра. По добиената пријава, известено е ОЈО Куманово и преземени се соодветни мерки. На оштетениот му се дадени технички обработени пари кои тој денеска во ресторан во Куманово ѝ ги дал на Л. Т.. Откако Л. Т. ги зела парите, била лишена од слобода од страна на полициски службеници од ОКП при МВР и ОЕК при СВР Куманово. По целосно документирање на случајот, Л. Т. ќе биде изведена пред надлежен јавен обвинител при ОЈО Куманово“, соопшти МВР.
С. НИКОЛИЌ