ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ПОЗИТИВНО ЌЕ ВЛИЈАЕ И ВРЗ НАШИТЕ ОБВРСКИ ОКОЛУ ИЗГРАДБАТА НА НАФТОВОДОТ ДО СОЛУН, ВЕЛИ АНЃУШЕВ

    ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ПОЗИТИВНО ЌЕ ВЛИЈАЕ И ВРЗ НАШИТЕ ОБВРСКИ ОКОЛУ ИЗГРАДБАТА НА НАФТОВОДОТ ДО СОЛУН, ВЕЛИ АНЃУШЕВПри посетата на ТИРЗ Тетово, вицепремиерот Кочо Анѓушев најави дека е донесена одлука на Влада за нова инвестиција во оваа зона. (Фото: Зандон)

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев е оптимист дека потпишувањето на договорот со Грција позитивно ќе влијае врз натамошниот развој на македонската економија но исто така очекува овој договор да даде позитивни ефекти и околу проблемите со изградбата на нафтоводот од Солун до Скопје. При неговата денешна посета на Технолошко индустриско развојната зона во Тетово тој ги посочи очекуваните позитивни ефекти за македонската економија од овој договор.

    „Договорот за добрососедство и стратешко партнерство со Грција ќе има позитивни ефекти и на овој план. Државата има потпишано договор со Хеленик Петролеум во 1999 год. и тој треба да заврши во јуни наредната. Досега, според арбитражната постапка која се водеше во Париз, поради неисполнување на обврските Македонија претходно морала да плати 52 милиони долари. Затоа, во однос и на другите обврски согласно овој договор, очекувам позитивната клима што ја имаме со Грција да придонесе и за подобро решавање на овој проблем со нафтоводот“, изјави Анѓушев.

    При посетата на ТИРЗ Тетово Анѓушев најави дека е донесена одлука на Влада за нова инвестиција во оваа зона.

    „Компанијата „Глас Флекс“, која е со македонско-холандски капитал, ќе инвестира 7 до 8 милиони евра и најавува вработување на над 100 вработени. Со ова се надеваме дека оваа ТИРЗ ќе добие поинтензивен развој а имаме информации од раководството на ТИРЗ дека многу компании се заинтересирани да инвестираат во оваа индустриска зона имајќи го предвид новиот Закон за поддршка на инвестициите“, надополни вицепремиерот Анѓушев.

    Анѓушев зборуваше и за состојбите во Југохром со изградбата на филтер станицата.

    „Државата има намера да помогне „Југохром“ да почне со работа. Имаме договор со сопственикот и тој треба да инвестира дополнителен милион евра кои се во процедура на трансферирање. Кога ќе видиме дека сопственикот ги трансферирал овие дополнителни средства, државата, преку македонската банка за поддршка и развој ќе излезе со 1 до 1,5 милиони евра да ја дофинансира изградбата на филтерот но и ќе се обезбедат обртни средства и за почеток на работата на фабриката. Јас сум оптимист дека тоа ќе биде завршено а државата тука ќе се појави во функција да помогне, но од друга страна таа ќе биде покриена со хипотеки од фабриката со што државниот капитал ќе биде заштитен“ рече Анѓушев.

    Според Анѓушев, изградбата на филтер станицата ќе чини околу 4,7 милиони евра, а веќе во тек е монтажата на челичните конструкции изработени од скопски ФАКОМ.
    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира