До Секторот за внатрешни работи Тетово утово стигнала дојава дека во неколку основни и средни училишта во градот, има поставено експлозивна направа.
Дојава за подметната бомба имало во 5 средни училишта кои се под надлежност на општината и во едно државно средно училиште, како и во 6 основни училишта.
„Дојавите за бомбa се доставени до Секторот за внатрешни работи. Не се доставени на е-маил адресите на училиштата, како што се случуваше во минатото. Во моментов, опфатени се следните училишта: СОУ Никола Штејн, СОУ Гимназија 7 Марти, СОУ Гимназија Кирил Пејчиновиќ, СОУ 8 Септември. Додека кај основните училишта: ООУ Истикбал, ООУ Кирил и Методиј, ООУ Братство-Мигени, ООУ Гоце Делчев, ООУ Беса, како и ООУ Прпарими. Училиштата се проверени од страна на припадниците на СВР Тетово, а сите ученици и вработени се евакуирани и ги напуштиле училишните простории. Училиштата имаат доставено писмен допис до СВР со цел да бидат информирани во врска со состојбата и чекорите што треба да се преземат понатаму. Од аспект на безбедноста, надлежните институции ги преземаат сите потребни мерки за гарантирање на безбедноста на учениците и вработените, додека состојбата се следи континуирано во координација со органите на редот“, изјави Валидин Адеми, раководител на секторот за образование на Општина Тетово.
Наставниот процес ќе продолжи само по официјална потврда дека безбедносните услови се целосно исполнети.
З. АНДОНОВ



