ДОЈРАН ЧЕТИРИ ДЕНА БЕЗ ВОДА, СЕ ИНСТАЛИРААТ НОВИ ПУМПИ ЗА ДА СЕ ЦРПИ ПОДЛАБОКО

    ДОЈРАН ЧЕТИРИ ДЕНА БЕЗ ВОДА, СЕ ИНСТАЛИРААТ НОВИ ПУМПИ ЗА ДА СЕ ЦРПИ ПОДЛАБОКОВо моментов, екипи од ЈКП „Полин“ инсталираат специјални пумпи на дел од бушотините кои ќе вршат испумпување на вода од подлабоки квоти и најдоцна до вечерва се надеваме дека ќе ги обезбедиме потребните количини вода, ни вели градоначалникот Анго Ангов.

    Жителите и сопствениците на викендички од Дојран реагираат бидејки викендов при температури над 30 целсиусови степени останале без вода за пиење. Тие се револтирани што и покрај ветувањата и најавите од локалната власт, дека се санирани проблемите со водоводната мрежа и препумпните станици, остануваат без вода за секојдневни потреби и тоа во период кога стартува туристичката сезона.

    „Три дена нема вода или притисокот е многу слаб. Не знаеме што е работата, но дефинитивно треба да се реши проблемот. Среде високи температури останавме без вода како за пиење, така и за одржување хигиена’’, гневни коментираа сопствениците на викендици посебно од горниот дел на Дојран, каде од саботата немаат вода.

    Јавното комунално претпријатие „Полин“ од Дојран на својата фејсбук страна завчера објави дека имало дефект на мрежата, а во саботата апелираа на крајно рационално користење на водата оти енормно се зголемила потрошувачката.

    „Поради прекумерно трошење вода, пред сè за полнење базени и други неконтролирани трошња, се соочуваме со огромни проблеми со водоснабдувањето. Ве замолуваме за трошење на водниот ресурс согласно вистинските потреби. Вода ќе добија сите корисници во текот на попладневните часови“, објави „Полин“ во саботата околу 16 часот.

    Но реакциите не стивнуваат, откако недостиг на вода во горниот дел на Стар Дојран имаше и вчера и денеска.

    Градоначалникот Анго Ангов потврди дека со напливот на гости од петокот се соочуваат со недостиг на доволни количини на вода до крајните корисници. Како што кажа, се прават напори да се обезбедат потребните количини оти издашноста на бушотините е намалена.

    „Поради паѓање на нивото на подземните води се соочуваме со недостаток на доволни количини вода. Во моментов, екипи од ‘Полин’ инсталираат специјални пумпи на дел од бушотините кои ќе вршат испумпување на вода од подлабоки квоти. Најдоцна до вечерва се надеваме дека ќе ги обезбедиме потребните количини вода“, ни рече Ангов.

    Минатиот месец, Дојран исто така имаше проблем со водоснабдувањето. Тогаш, Општината кажа дека причина била дотраената мрежа и препумпните станици за што набави четири нови.

    Дојран со вода се снабдува од четири бушотини и извори со вкупно 60 литри во секунда, кои доаѓаат во водоснабдителните бунари од каде со препумпни станици се врши дотур до сите објекти.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира