Општина Дојран може да биде ставена на црната листа на ЕУ и да добие забрана за користење средства од евро фондовите ако во следниот период не врати 150 илјади евра. Европската комисија бара општината да ја врати ова сума, бидејќи констатирала прекршување на условите за избор на фирма за реконструкција на пречистителната станица од програмата за прекугранична соработка со соседна Грција.
Станува збор за проект за заштита на Дојранското езеро од пред четири години за што Дојран и Кукуш од Грција добија околу 502 илјади евра, а го завршија во 2016 година. Дојран ја реконструираше постоечката пречистителна станица во Нов Дојран за што доби 309 илјади евра додека Кукуш со останатите пари воведе најсовремена технологија во нивната станица за прочистување на отпадните води.
Сепак, на адресата на Европската комисија стасала жалба од чешка фирма откако истата се жалела во Дојран дека се фаворизира поскапиот понудувач по објавениот тендер за реконструкција на станицата. По разгледување на документацијата донаторите констатирале дека има прекршувања и било наложено Општина Дојран да го врати износот од 150 илјади евра.
Градоначалникот на Дојран Анго Ангов потврди дека општината има долг кон ЕУ, наследен од неговиот претходник Борче Стамов кој не успеал навреме да најде решение.
„Имаме финансиски потешкотии направени од претходното раководство. Меѓудругото проблем ни е и долгот што го наследивме а не бев запознаен со таа ситуација. Станува збор за 150 илјади евра кон ЕУ за проект од програмата за прекугранична соработка. Ако не го вратиме парите во наредниов период ќе бидеме општина на црната листа кои не смеат да реализираат проекти со европски пари иако сме пред потпис на нови проекти тешки над половина милион евра“, ни изјави градоначалникот Ангов.
Првиот проект кој чека европски пари е поставување мерна станица со набавка на бротче кое ќе врши чистење на тревите и калта во езерото. Вториот е за изградба на Биогасна централа со кој комуналното претпријатие треба да ги зајакне капацитетите и да набави нова опрема за подобрување на комуналните услуги и чистотата во општината.
„Тоа е огромен проблем бидејќи ние сме мала општина и се надеваме на парите од европските и другите фондови оти немаме големи приходи сами да реализираме капитални проекти. Последниот допис од ЕК е дека треба да одлучиме како да го вратиме долгот. Дали ние како општина на 12 месечни рати или преку министерството за локална самоуправа во рок од два месеци, па ние да се раздолжуваме со министерството”, потенцираше Ангов кој бара помош од Владата за новата ситуација
Од Министерството за локална самоуправа потврдија дека се информирани за долгот на Дојран кон ЕУ. Веќе се разговарало со министерот за финансии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев да се најде модел, како да се помогне на Дојран да го подмири долгот кон ЕУ. На една од следните владини седници се чека да биде донесена одлука, со цел ова општина, не биде ставена на црната листа на ЕУ за користење пари од европските фондови.
В. ТРАЈКОВ