По долниот тек на реката Бабуна никна дива населба. Сѐ повеќе се гради и узурпира државно земјиште, на кое има дивоградби кои имаат струја, а немаат вода и канализација. Состојбата се радикализираше по изградбата на асфалтираниот пат до Пешти. Посетата на овој локалитет покажува дека таму секојдневно има нови темели и узурпирања. Граѓаните искажуваат револт на социјалните мрежи, бидејќи и невладиниот сектор молчи за ваквата состојба.
„Ни се случува класична узурпација на државна површина, пред која сите надлежни институции се неми. Зошто се толерира ваквото однесување, кое е без никаква правна издржаност? Локалната власт со години молчи. Бројот на дивоградби расте, се констатира дека станува збор за дивоградба и Општината потоа не презема ништо. Просторот се узурпира по проверен рецепт. Прво се оградува парче земјиште, каде што се засадуваат земјоделски или градинарски производи или се поставуваат кошници со пчели, па се гради дрвена куќарка, која прераснува во дивоградба“, велат посетителите на овој предел.
Во отсуство на реакција од локалната власт, неодамна беше регистриран случај кога една заградена парцела беше разрушена, а новопоставената ограда искршена. Со оценките на граѓаните се согласува и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Најавува дека бил распишан конкурс за градежен инспектор и инспекцијата ќе правела почести контроли, оти сега има само еден.
„Состојбата во долниот тек на Бабуна е дефинитивно излезена од контрола. За жал, системот нема решение за проблемот. Укината е одредбата со која пределот беше прогласен за карактеристичен пејзаж, па не смееше таму да се гради. Со новиот Закон за легализација ќе треба да ги легализираме сите објекти таму. Се обидувам да убедам дека крајбрежниот појас покрај Бабуна во широчина од 50 метри треба да биде достапен за спорт и рекреација за сите граѓани. Тоа што досега немаме легализирано ниеден објект не значи дека ќе може така да постапуваме и во иднина“, рече Коцевски.
П. ПЕЧКОВ