ДОМАТИТЕ ОД СТРУМИЧКО ОСТАНАА НА НИВИТЕ, МИНИСТЕРСТВОТО ДОГОВАРА ОТКУП ОД ПРЕРАБОТУВАЧИТЕ

    ДОМАТИТЕ ОД СТРУМИЧКО ОСТАНАА НА НИВИТЕ, МИНИСТЕРСТВОТО ДОГОВАРА ОТКУП ОД ПРЕРАБОТУВАЧИТЕЗемјоделците не знаат што да прават со производите бидејќи веќе три дена нема откуп (Фото: СДК)

    Земјоделците од Струмичко се во паника, бидејќи неколку дена нема ниту откуп, ниту пласман на доматите. Тие стравуваат за своето производство, кое претстојниот период може да скапува по нивите. Речиси сите пунктови во овој регион изминативе денови го стопираа откупот или откупуваат минимални количини, по цена од 10 денари за килограм. Земјоделците бараат државата да помогне, оти ако не се интервенира, произведените количини ќе останат во оранжериите и пластениците.

    „Нема откуп веќе три дена. Не знаеме што со производството. Еве, набравме неколку тони и чекаме трговци, а на нивите имаме уште 15-ина тони домати кои интензивно зреат. Мора да се најде решение. Десет денари се ништо пари за килограм, но мора да дојдеме до пари. Сме инвестирале, па колку-толку да ги покриеме загубите, кажа Васе Цветков, производител од Просениково, кој ја дели судбината на стотици производители на домати од Струмичко.

    Трговците велат дека сите пазари во опкружувањето се пренатрупани со домати. Во поранешните југословенски републики стасало и нивното производство, а огромна конкуренција за извоз во источноевропските држави се доматите од Албанија.

    „Не сме конкурентни и не ги следиме потребите на потрошувачите од странските пазари. Згора на сѐ, нашите домати не траат повеќе денови и не можеме да планираме извоз на подалечни дестинации. Еве, нас како фирма ни вратија неколку камиони, оти доматите почнале да омекнуваат“, ни изјави Ацо Стоилков, трговец-откупувач

    Во Министерството за земјоделство свесни се за отежнатиот откуп на доматите во Струмичко и како што информираа, биле во комуникација и се договара вишокот домати да го откупуваат домашните конзервно-преработувачки капацитети. Паралелно, доколку се увиди дека земјоделците трпат загуби од производната и продажната цена, ќе излегле со дополнителни мерки.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира