Ни снегот не го покри изметот од птици кој паѓа на приодите од Домот на култура во Битола. Тоа е објектот во центарот на градот, каде се сместени националните установи Центар за култура и Народен театар од Битола. Иако објектот има добар надворешен изглед, ќошевите се претворени во чавкарници.
Дел од покривот што се протега вон објектот е оштетен и руиниран со години. Тој служи како засолниште на птици, чие присуство не останува незабележано по изметот што паѓа на плочникот пред објектот. Покрај изметот на покривот има и бројни гнезда од птици.
Битолчани сметаат дека не е долично измет на птици да го нагрдува објектот каде се одржуваат интернационалните фестивали по кои е позната Битола како „Браќа Манаки“, „Шекспир фестивалот“, „Илинденски денови“ и други.
„Од измет не е валкан само плочникот, туку и прозорците од некогашната свадбарска кафеана, крајно време е ова да се реши. Истото треба да се направи и со каблите кои висат низ фасадата на објектот. Ова е објект кој треба да го краси градот. Ни доаѓаат гости кои газат на црвениот тепих, а на седум метри од нив има измет од чавки“, велат битолчани .
Од Битолскиот театар велат дека ваквата состојба наскоро ќе се реши, зашто годинава ќе се реконструира фасадата. Зафатот е предвиден во Програмата за инвестициско одржување и набавка за национални установи за 2017 година од Министерството за култура.
„Апсолутно и тој дел од фрасадата ќе се реши. За тоа и проект ќе се направи, ќе биде одобрен, тоа е цел процес. Не знам колку финансии ќе бидат предвидени зашто тоа спаѓа во инвестиции, но за многу скоро ќе ги знаеме кога ќе ги потпишуваме решенијата како менаџери. Засега не е се уште потпишано тоа решение, но има објавена програма по која ние ќе работиме“, вели Валентин Светозарев, директор на Народниот театар од Битола.
Освен реконструкција, предвидено е и осветлување на објектот кој ноќе, ако не се вклучени светла од внатре, тоне во мрак. Ова е прва реконструкција во 36-годишното опстојување на културниот дом. Се вршеле реконструкции во внатрешноста и модернизации на салите, но не и врз фасадата. Таа нема да биде реконструирана во барок, туку ќе го задржи препознатливиот лик кој го има со години.
„Нема да има промени во изгледот на фасадата, ќе остане како што е“, вели Светозарев.
Директорот на Центарот за култура Борче Димитровски вели дека се грижат објектот да изгледа чисто и пристојно. Лани ангажирал алпинисти да ги исчистат аглите од покривот .
„Ова не е класична фасада зашто има излози и тие редовно се чистат. Само во Центарот се одржуваат годишно над 700 настани што покажува дека објектот е во добра кондиција. Во внатрешната функционалност се вложи многу во изминатите години. Реконструиран е дел од големата сала , ја рановиравме малата сала и заедно со театарот музичкиот салон го адаптиравме во алтернативен простор за настани. Се дигитализира кино опремата , а театарот доби најсовремено осветлување и озвучување“, вели Димитровски.
Во Програмата за реконструкција и осветлување на објектот, објавена на интернет страницата на Министерството за култура нема податок колку ќе чини овој зафат и детали за проектот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА