На 19 март ќе се знае судбината на велешката фабрика за шински возила „Колска“, единствената фарбика во Македонија која работи на поправка и одржување на патничките и товарните вагони. За тој ден е закажано рочиштето за одлучување за предлогот и гласање за планот за реорганизација изготвен од должникот „Колска“, објави Основниот суд Велес. За ова ќе гласаат доверителите, а уште се работат пресметките кој доверител со кој процент учествува во масата на стечаен долг, а со тоа кој колкав процент на учество има во гласањето.
Меѓу поголемите доверители се Управата за јавни приходи (УЈП) и велешкото јавно комунално претпријатие (ЈКП) „Дервен“. Фабриката е во долгови кон повеќе доверители, па подолго време има блокирана сметка.
„Поведена е претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка со постапка за реорганизација по изготвен план за реорганизација над должникот Друштво Фабрика на шински возила Велес ДООЕЛ Велес, со седиште на ул. Алексо Демниевски-Бауман бр.69“, објави на веб страницата Основен суд Велес.
На 5 декември лани во весник излезе оглас за прибирање затворени понуди, за „санирање на тешката финансиска материјална положба“ преку доставување предлог-постапка за реорганизација на „Колска“. На него се јавила една заинтересирана фирма од струмичко Босилово, која имала и италијански партнери. Таа во понудата го прецизирала начинот, роковите и висина на подмирување на финансиските обврски кон доверителите, кон вработените, обврска за задржување на постојните 50-на вработени и нови вработувања, како и висина и динамика на планирани инвестиции.
„Колска“ е меѓу најстарите на Балканот, изградена 1916 од Германците во периодот на Првата светска војна. Во тоа време била работилница изградена за нивни потреби, за поправка на возовите кои сообраќале кон Солун и кон Лерин.
П. ПЕЧКОВ