„ДРИСЛА“ ДОНЕСЕ НОВ ЦЕНОВНИК ЗА ДА МОЖЕ ДА КОНКУРИРА НА ТЕНДЕРИ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

    „ДРИСЛА“ ДОНЕСЕ НОВ ЦЕНОВНИК ЗА ДА МОЖЕ ДА КОНКУРИРА НА ТЕНДЕРИ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ МЕДИЦИНСКИ ОТПАДПоради одлуката која досега беше на сила како што велат од претпријатието, со години не биле конкурентни на тендерите. Приватните фирми знаеле дека „Дрисла“ не може да понуди пониска цена од 56 денари, па тие давале помала цена и ги добивале договорите. - Медицински отпад донесен за уништување од приватна фрима во „Дрисла“. (Фото: Ѓ.Личовски)

    ЈП „Дрисла“ отсега ќе може да учествува на тендери за подигнување медицински отпад од болниците и здравствените установи. Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов го измени ценовникот за работа на претпријатието според кој подигнување еден килограм медицински отпад претпријатието го вршеше за 56 денари. Со измената нема ограничување која ќе биде минималната цена според која може да се настапува на тендерите.

    Поради одлуката која досега беше на сила како што велат од претпријатието, со години не биле конкурентни на тендерите. Приватните фирми знаеле дека „Дрисла“ не може да понуди пониска цена од 56 денари, па тие давале помала цена и ги добивале договорите.

    „Сега нема никакво ограничување која ќе биде најниската цена со која може да настапиме на тендерите. Со години на никого не му текнало да ја смени оваа одлука со која ние автоматски сме исфрлени од учество на тендерот, па работата ја добивале приватни фирми. Со оваа одлука претпријатието ќе има дополнителни средства кои ќе овозможат понатамошно модернизирање на депонијата“ вели директорот на ЈП „Дрисла“ Коста Начевски.

    Градоначалникот Петре Шилегов во февруари годинава поднесе пријава до Основното јавно обвинителство против фирмата „Еко клуб“ од Битола бидејќи медицинскиот отпад кои го собирале од здравствените установи необработен го носеле на уништување на депонијата. На снимките и фотографиите кои ги направиле инспектори од Град Скопје и предадени на Обвинителството се гледа дека тој не се преработува. Шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, потоа се префрла во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад. Притоа од камионот се цеди крв.

    За овој случај обвинителството уште нема отворено предмет.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира