ДРУГАРИТЕ САМИР И БРАНКО ОД ДОЈРАН ТРИ НЕДЕЛИ ДОБРОВОЛНО ГО ЧИСТАТ КАНАЛОТ НА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ ДО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО

    ДРУГАРИТЕ САМИР И БРАНКО ОД ДОЈРАН ТРИ НЕДЕЛИ ДОБРОВОЛНО ГО ЧИСТАТ КАНАЛОТ НА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ ДО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРООткако разбрале дека повторно ќе се активираат пумпите, одлучиле да го средат целиот простор за да тече водата нормално во езерото, а не во околните ниви (Фото: СДК.МК)

    Самир Пајтон и Бранко Караколев од Нов Дојран, на своја инициатива и доброволно, веќе три недели го чистат отворениот канал на хидросистемот „Ѓавато“. Со лопати и вили го чистат наталоженото ѓубре во каналот изграден пред 20-ина години, а со моторни тримери ја косат тревата долж целиот канал.

    Идејата им дошла лани во ноември, кога по неколку години неработeње беа пуштени во употреба пумпите од страна на министерот Изет Меџити и пратеникот Миле Цеков. Забележале дека водата се излева во околните ниви, па ги исчистиле критичните точки. Сега кога разбрале дека повторно ќе се активираат пумпите, одлучиле да го средат целиот простор за да тече водата нормално во езерото, а не во околните ниви.

    Сакавме да дадеме свој придонес за езерото. Свесни бевме дека каналот беше обраснат со трева и џбунови и во него се наталожила земја. Бидејќи слушнавме дека системот ќе се санира, решивме целосно да го исчистиме каналот за непречено течење на водата во езерото, оти претходно се излеваше. На секои 15 метри од каналот вадеме по еден кубик земја и камења, а да не зборуваме колку купишта сува трева, џбунови и гранки се собра“, вели Самир Пајтон.

    Тој заедно со својот најдобар другар Бранко каналот го чистат вообичаено во попладневните часови. И двајцата се невработени. Преку ден чекаат некој да ги ангажира и работат за дневница. Самир жали што во овие три недели никој од институциите, жителите на Дојран, ниту пак сопствениците на викендици не им се приклучиле во чистењето. Постојано биле двајцата. Откако ја објавиле акцијата на социјалните мрежи почнале да добиваат поддршка. Некои им донирале храна и освежување, други алат и гориво, а непознат човек им подарил две нови машини за косење трева.

    Самир и Бранко велат дека на секои 15 метри од каналот ваделе по еден кубик земја и камења (Фото: СДК.МК)

    Имаме поддршка, но друго е ако се вклучи цела заедница. Каналот е за сите нас и треба да биде функционален. Еве, сега барам да дојде некој со трактор и приколка и да се товарат отпадот и тревата што ги собравме. Ни останува уште некој ден да ја завршиме целата траса од околу 500 метри, колку што е долг отворениот канал“, кажа Пајтон.

    ХС „Ѓавато“ од минатата недела се санира и не тече вода во отворениот канал. Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека била завршена првата фаза од санацијата на пумпите на бунарското подрачје и сега ќе се пристапи кон втората фаза.

    Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување. На првата шахта е монтирана една репарациона спојка, на втората шахта монтирани се две спојки, а извршено е и заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат удвоени количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското Езеро“, објави Мицкоски.

    Тој минатата недела кажа дека ќе се оспособат четири потопни пумпи кои ќе црпат вода од бунарското подрачје и две потисни пумпи во соработка со инженерите од фабриката за делови при РЕК „Битола“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира