Ослободени се дрвјата кои беа бетонирани на кејот 13 Ноември на Вардар во строгиот центар на Скопје, а изведувачот ќе биде казнет, велат од Град Скопје. Бетонираните дрвја вчера ги забележаа граѓаните и невладините организации, а од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека биле бетонирани по грешка на изведувачот.
„Со ослободувањето, сите дрвја на кејот сега се целосно заштитени и нема да имаат последици при нивното растење и развивање. По налог на градоначалникот Шилегов, од страна на градскиот инспекторат беше направен и записник според кој изведувачот ќе биде казнет“, велат градските власти.
Град Скопје привршува со реконструкцијата на кејот 13 Ноември. Се поплочува шеталиштето во делот кај хотелот „Холидеј ин“, по што ќе следува поставување нови канделабри и урбана опрема. Според најавите од Градот, кон средината на јули кејот целосно ќе биде готов и пуштен во употреба. Инвестицијата чини околу 1,5 милиони евра.
А. АНТЕВСКА