ДРЖАВАТА ЕДНА ГОДИНА ГИ ЛАЖЕ И НЕ ГИ ОСТВАРУВА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ВЕЛАТ ОД КОАЛИЦИЈАТА „МЕНУВАМЕ“ И БАРААТ ПОМОШ ОД ЕУ

    ДРЖАВАТА ЕДНА ГОДИНА ГИ ЛАЖЕ И НЕ ГИ ОСТВАРУВА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ВЕЛАТ ОД КОАЛИЦИЈАТА „МЕНУВАМЕ“ И БАРААТ ПОМОШ ОД ЕУОд Коалицијата велат дека лицата со попреченост и нивните семејства се на работ на егзистенција (Фото: СДК.МК)

    Коалицијата „Менуваме“ ќе поднесе барања до Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, ОБСЕ, ОН и до дипломатскиот кор во земјава за поддршка и посредување во остварувањето на праватa за еднаквост, достоинствен живот и за вклучување на лицата со попреченост во целокупниот јавен живот. Го преземаат овој чекор пред да почне европскиот скрининг за да се запознае ЕУ со, како што велат, непочитувањето на основните права на лицата со попреченост. Веќе подолг период преговараат со Владата и не им се исполнети барањата.

    „Мерките веднаш да се усвојат, бидејќи лицата со попреченост и нивните семејства се на работ на егзистенција. Имаат потреба од суплементи, физикална терапија, сензорни соби, помошни помагала и слично, а за да можат активно да бидат вклучени во целокупниот општествен живот, имаат трошоци за транспорт, влезници, котизации. Државата да си ги исполни обврските кои произлегуваат од конвенциите што ги потпишала. Ако треба, ќе ги побараме нашите права и во Стразбур“, рече Суарет Алишан од „Менуваме“.

    Бараат покачување на додатокот на попреченост од 7.100 денари и на детскиот додаток од 5.100 денари за 35 проценти, согласно просечната нето плата во државата. Бараат симнување на границата од 26 на 18 години, да се направи регистар на лица со попреченост, а помагала за деца и лица со оштетен вид, мерачи за шеќер и притисок и топломери да бидат ставени на товар на Фондот.

    Од Коалицијата посочуваат дека Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН во 2011, со што е должна да ги остварува преземените обврски.

    „По средбата на 26 јули 2021 во Владата и Министерството за труд и социјална политика, тогашната министерка Јагода Шахпаска и претставниците на Владата ветија дека ќе ги остварат нашите барања, што до денес не се случи, односно сме излажани. За држава која претендира за влез во ЕУ не е дозволиво да се однесува дискриминирачки и манипулативно кон децата и лицата со попреченост“, додава Алишан.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира