ДРЖАВАТА ПО 20 ГОДИНИ МУ ГИ ВРАТИ НАЈГОЛЕМИТЕ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ НА КУМАНОВО, НО ВО ОЧАЈНА СОСТОЈБА

    ДРЖАВАТА ПО 20 ГОДИНИ МУ ГИ ВРАТИ НАЈГОЛЕМИТЕ СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ НА КУМАНОВО, НО ВО ОЧАЈНА СОСТОЈБАЗа реконструкција и санација на спортската сала потребни се 184 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    Четирите големи спортски објекти, со кои двесетина години стопанисуваа приватни фирми, му се вратени на градот Куманово. Спортската сала, Градскиот стадион, комплексот Соколана и градското стрелиште, со одлука на Владата, се дадени на трајно користење на Општината. За жал, повеќето се руинирани или целосно уништени, па Општината ќе треба многу да инвестира за да ги стави во функција.

    За комплексот Соколана веќе е направено идејно решение (Фото: СДК.МК)

    „Општината подолг временски период бараше да ѝ се вратат спортските објекти кои му припаѓаат на градот. Сега кога конечно успеавме, тие се наоѓаат во очајна состојба. Објектите беа оставени на забот на времето со децении наназад, бидејќи концесионерите не си ги исполнуваа обврските. Прво ќе треба да ги заштитиме, а потоа да изготвиме планови за нивна реконструкција. За тоа се потребни многу средства, но со сопствени сили и со помош на државата, ќе се обидеме во најкраток рок да ги ставиме во функција“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој со директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во сопственост на Република Северна Македонија, Хајредин Шпенди, потпиша договор за отстапување на корисничкото право на спортските објекти.

    Според извршената проценка, само за реконструкција и санација на спортската сала потребни се 184 милиони денари, а Општината веќе изготви проект кој ја чини два милиона денари. Истовремено, направено е идејно решение и за комплексот Соколана.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира