Државниот инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор на работата на биогасната централа „Вардар Биопроцес“ близу Градско по реакциите на мештаните кои живеат во околината. Издадено е решение со кое бара да се утврди дали има присуство на загадувачки материи како резултат на фугитивни емисии кои се јавуваат при трансфер и ракуваье или како резултат на протекуваье од опремата.
„При вонредниот надзор се констатираше дека е потребно да се утврди присуството на загадувачки материи во околината од фугитивните извори на емисија од вршење на дејноста-производство на електрична енергија од биомаса. Треба да се изврши оцена на можните влијанија од активностите кои создаваат фугитивни емисии во животната средина, од чии наоди ќе зависи дали ќе биде потребно да се спроведат дополнителни мерки на заштита“, соопшти Билјана Шуркова-Манаскова, државна инспекторка за животна средина.
Жителите на населбата Стопанство две години реагираат дека откако започнала со работа биогаснaта централа, од смрдеата не можат да живеат. Менаџментот на централата негира дека непријатната миризба потекнува од нив.
„Биогасната централа прави редовни лабораториски испитувања на емисии и загадувачки супстанци во отпадните гасови и пареи во воздухот, за кои постојат законски обврски. Сите испитувања на измерените концентрации направени од акредитирани лаборатории укажуваат дека не постои надминување на ниту една од дозволените гранични вредности. Работниот режим е идентичен и непроменлив во текот на денот и ноќта, не се извршуваат никакви активности во вечерните часови различни од дневните. Евентуална појава на непријатна миризба во околината, со изразена периодичност во вечерните часови, не може да потекнува од биогасната централа“, соопштија од компанијата.
П. ПЕЧКОВ