Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ ги предупреди дуќанџиите во старата скопска чаршија и на т.н. Пластичарска улица да не го фрлаат ѓубрето кај ќе стигнат. Од претпријатието велат дека секојдневно се соочуваат со неправилно одлагање на отпадот од пакувања и остатоци од храна, како и непочитување на наведените термини за одлагање на отпадот во Старата скопска чаршија и на булеварот Никола Карев.
„Во текот на изминатата недела, екопатрола спроведе едукативни активности за правилно постапување со отпадот со сопствениците на дуќаните и угостителските објекти во Чаршијата и на Пластичарската улица. Дуќанџиите беа информирани за Законот за јавна чистота и едуцирани како правилно да го исфрлаат својот отпад, додека угостителите за правилното третирање на отпадот од храна, со цел да се избегне создавањето на исцедоци и ширењето заразни болести“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Од таму додаваат дека ако и покрај предупредувањата дуќанџиите продолжат со фрлање ѓубре ќе ги казнуваат.
А. АНТЕВСКА