Битолчанец пред дуќанот среде Широк Сокак си постави метална конструкција за натстрешница, а притоа ја зароби и уличната канделабра. Столбот од канделабрата стана дел од конструкцијата, а светилките ќе бидат прилепени ведаш над настрешницата или евентуалната тенда.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати да Oпштина Битола и праша зошто е дозволено ова да се прави на најамбиенталната битолска улица, во услови кога поголемото централно јадро е прогласено за заштитена зона?
Од Општина Битола ни одговорија дека градежен инспектор вчера постапил по случајот и ја запрел работата на терен. Направен е увид и записник, по кој понатаму ќе се постапува. Од таму објаснуваат дека канделабрите не смеат да бидат зафатени со урбаните опреми што се поставуваат на Широк Сокак.
Кај дуќанот, кој на битолчани им се добро познат од минатото како Фурната на Паско, вчера беа запрени градежните работи, но најголемиот дел од метаната конструкција е веќе поставена. На прозорците беше залепен оглас дека горниот кат се издава и дека се бара персонал за кафетерија што заедно со натстрешницата укажува дека и тука најверојатно ќе се отвори угостителски објект. Ова е делот од Широк Сокак каде има најмногу кафулиња.
Уште еден угостителски објект на Широк Сокак со својата урбаната улична опрема има заробено две канделабари. Објектот не е нов, отворен е од пред неколку години. Столбовите од канделабрите му минуваат низ урбаната опрема, а светилките се веднаш над тендите.
Низ улицата има и настрешници кои се прилепени веднаш до канделабрите. Угостители од Широк Сокак велат дека канделабрите се поставени на две до три метри од објектите и не можат никако да се избегнат, а нема ни можност да се поместат зашто тоа бара дополнителни интервенции.
Воедно, Советот на Општина Битола пред две години донесе одлука да се постави унифицирана ограда пред локалите на Широк Сокак за зимскиот период. Таа ограда може да биде висока до 1,80 метри, половина од метал, а горниот дел од стакло, но задолжително металниот дел да биде поставен на дрвена платформа со минимална височина од 15 сантиметри со цел да не се уништуваат плочите на Широк Сокак.
Според ова, не смее металните конструкции да се поставуваат директно на плочките од улицата. Но, никој досега не е казнет.
Исто така, со цел урбаната опрема пред угостителските објекти да не го попречува движењето на пешаците, лицата со посебни потреби и возилата на Противпожарната служба или Итната помош, според пропишаните услови, слободни треба да останат по три метри од двете страни од средишната линија на Широк Сокак, односно вкупно 6 метри. Некогаш тој слободен простор за пешаците е потесен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА