ДУРИ СУМ ЈАС ТАМУ, ЖИВОТНИТЕ ЗА ХРАНА НЕМА ДА СТРАДААТ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ТРЕНКОСКИ

    ДУРИ СУМ ЈАС ТАМУ, ЖИВОТНИТЕ ЗА ХРАНА НЕМА ДА СТРАДААТ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ТРЕНКОСКИДиректорот Жарко Тренкоски на седницата на општинскиот Совет рече дека животни умираат од старост, а не од неухранетост. (Фото: СДК.МК)

    Во Битолската зоолошка градина угинуваат животни од неухранетост, умреле змии, елени, коњче, цела фамилија мајмуни, обвинија советници од опозицијата на вчерашната седница на општинскиот Совет на кој се разговараше за завршната сметка на установата. Директорот Жарко Тренкоски пред советниците рече дека дури е тој таму, животните за храна нема да страдаат и да умираат.

    „Дека паѓаат животни од неухранетост? По контролата од Агенцијата за храна се најде дека им се залепени цревата. Дали се случува да земате храна од маркети што не е дозволено согласно Агенцијата? Точно ли е дека мечката ја храните со лимони? Сето ова е далеку од толеранција за нормално одржување. Постои стравување дека ќе ни се случи да ни ги одземат животните и да ни ја затворат зоолошката која постои 75 години“, рече Борче Корлевски, советник од СДСМ.

    Обвинителството има покренато постапка за Зоолошката, за констатиран минус во магацинот од 398.000 денари (над 6.000 евра).

    „Дали е точно дека храната од маркети е гратис, а се пишува на документ како да се купува? Дали е точно дека наместо на тендер да се купува леб за животните, тој е набавуван од старски домови?. Дали постои тендер за набавување на луцерка за тревопасни животни и зошто е набавувано сено и трња од Земјоделското училиште и дали поради тоа е настаната смртноста? Сте земале пцовисани крави, сте ги терале вработените да ги дерат и фрлаат на месојадните животни“, рече Горан Велевски, советник од Левица.

    Директорот Тренкоски рече дека животни умираат од старост, а не од неухранетост.

    „Старосната граница на животните во Зоолошката во Битола, како стигнувале од Скопската зоолошка градина, ни е геријатрија. Одговорно тврдам, нема да се случи дури сум јас таму, не знам како ‘помоќу трикова’, но животните за храна нема да страдаат. Земаме храна од економски оператори, тоа се помагатели. Само за храна, ако ние купуваме, а немаме помагатели, ни требаат 8 милиони денари. Тоа е органолептички неисправна, но безбедна храна. Не земаме пцовисани крави, тоа се животни кои од некоја причина угинале, но не влегле во Зооградината без одобрение од ветеринарен лекар. Дали ние ги дереме, нормално е зашто имаме регистрирано кланично место“, рече Тренкоски.

    Потврди дека земаат леб од страски домови, но не мувлосан. Дека ја хранат мечката и со овошје, како што едно селско домаќинство кога јаде лубеница остатокот им го фрла на животните. Рече дека од Земјоделското училиште набавуваат луцерка по двапати поевтина цена. Минусот во магацинот тој го констатирал, но бил од кражба, туку немање кадар да направи евиденција на храната која влегувала и им се давала на животните. Рече дека имаат само осум зоонегуватели, кои работат и сметководство зашто недостасува кадар, а тој продава билети и работи во сабота и недела.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира