ДВА МЕСЕЦА НЕ Е ПОПРАВЕН ЕДИНСТВЕНИОТ ВОЗ КОЈ ОДИ СКОПЈЕ-ТЕТОВО-ГОСТИВАР-КИЧЕВО

    ДВА МЕСЕЦА НЕ Е ПОПРАВЕН ЕДИНСТВЕНИОТ ВОЗ КОЈ ОДИ СКОПЈЕ-ТЕТОВО-ГОСТИВАР-КИЧЕВОПерсоналот од железничката станица редовно си оди на работа и покрај тоа што тука не поминува ниту еден воз. (Фото: СДК.МК)

    Железничката станица во Тетово повеќе од два месеца зјае празна. Пероните се пусти, нема патници, а шините веќе почнале да зараснуваат во коров. Единствениот патнички воз кој сooбраќаше на релацијата Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево, се расипал и сé уште не е поправен, а со тоа и сиот патнички превоз на оваа релација е во прекин.

    Персоналот од железничката станица редовно си оди на работа и покрај тоа што тука не поминува ниту еден воз, но и тие не знаат кога повторно ќе се воспостави железничкиот сообраќај.

    Пред два месеца на празните перони на железничката станица во Тетово се одржа изложба на фотографии со која беше одбележана 70-годишнината од почетокот на градбата на пругата Скопје-Кичево. (Фото: СДК.МК)

    „Возот кој сooбраќаше од Скопје до Кичево пред два месецa се расипал и оттогаш на оваа железничка делница не се одвива патничкиот железнички сообраќај. Тој беше од оние кинеските. Дали уште го поправаат или ќе пуштат нов, ние навистина не знаеме. Слушнавме дека можно е да го пуштат во декември кога почнува да важи зимскиот возен ред, но за тоа ништо сигурно не можеме да кажеме. Порано низ оваа станица минуваа по патнички три возови дневно, потоа нивниот број се намали на два па на еден, а еве и тој се расипа. Но и покрај тоа, ние сме редовно на работните места и работиме на одржување на постоечката инфраструктура“, ни рекоа од железничката станица во Тетово.

    Кога повторно ќе проработи оваа железничка линија одговор побаравме од Железници на Северна Македонија. На нивната официјална веб-страна има поставено телефонски број и е-пошта на која можат да се добијат информации од јавен карактер. Но, ниту некој се јавува на тој телефонски број, ниту пак праќаат одговор на поставените прашање преку електронската пошта.

    Пред два месеца на празните перони на железничката станица во Тетово се одржа изложба на фотографии со која беше одбележана 70-годишнината од почетокот на градбата на пругата Скопје-Кичево, односно кога тесношинскиот колосек се заменил со нормален колосек. Низ фотографии и записи беше прикажан ентузијазмот со кој тогашните жители на Тетово учествувале во градбата на овој дел пругата.

    Плочата сé уште не е вратена на своето место. (Фото: СДК.МК)

    За тоа колку луѓе учествувале во нејзината изградба, од кои националности, колку работни денови тие дале за нејзината изградба и колку пари таа чинела, постоеше спомен плоча која при реновирањето е тргната и сé уште не е вратена на своето место.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира