Двајца мигранти загинаа и 17 се повредени во сообраќајната незгода што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш – Штип во близина на рудникот Бучим.
Според првичните информации на полицијата, околу 16,40 часот на патот Радовиш – Штип, комбе Ивеко, управувано од засега непознато лице, кое избегало по несреќата, удрило во ограда од мост. На лице место починале двајца од мигрантите кои се превезувале со комбето, а 17 се здобиле со повреди. 11 од повредените се префрлени во болницата во Штип, а 6 во болницата во Радовиш.
Во комбето имало повеќе мигранти, но дел од нив избегале по сообраќајката. Сообраќајот беше во прекин додека траеше увидот. Најголем дел од мигрантите биле од Бангладеш.
В. ТРАЈКОВ