За чистење на фонтаните центарот на Скопје поранешното раководство на Општина Центар ангажирало и двајца нуркачи со комплетна опрема, откри градоначалникот Андреј Жерновски, одговарајќи на прашање од советничката група на СДСМ на кој начин се трошеле парите за спомениците во Општината.
Жерновски одговори дека во 2011 и во 2012 година биле склучени договори за 8.400.000 денари, односно околу 135.685 евра со кои се обезбедувале фонтани и спомен обележја од проектот „Скопје 2014“.
За патролирање и надгледување на Плоштад Македонија општината плаќала 88.000 денари месечно. Исто толку пари се одвојувале за контрола и на паркот „Жена – борец“ и за плоштадот „Карпошово востание“.
Пари биле обезбедувани и исплаќани дури и за споменици што, како што стои во договорите, „дополнително ќе бидат поставени“, како што се колонадата, мостот “Око“, спомен обележјата на Неџат Аголи, Димитрие Беровски, Христо Узунов, Павел Шатев, Јосиф Багери и други. Средствата општината ги исплаќала се’ до отстапувањето на спомениците од “Скопје 2014“ во надлежност на Град Скопје.
„Ова е класичен пример како во општина Центар од претходното раководство се переа и незаконски се трошеа пари на граѓаните. Најверојатно, спомениците се добро чувани, не само од обезбедувачите, туку и од птиците“, рече Жерновски објаснувајќи дека пари се одвојувале за специјални свирчиња за бркање на птиците од спомениците.
Жерновски на советниците им објасни дека двете одбрани фирми, “ЛУПУС“ ДОО Скопје, која се врзувала за името на екс-телохранителот на премиерот Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко и “МДН Обезбедување“ ДОО Скопје, биле регистрирани на иста адреса – ул. “Црниче“ бр. 20, но со различно име на фирма и различни сопственици.