ДВАПАТИ ЛЕЖЕВ ВО БУГАРСКИТЕ ЗАТВОРИ, СЕГА БУГАРИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ, А МАКЕДОНЦИТЕ ТАМУ ЌЕ ОСТАНАТ НЕПРИЗНАТИ, РЕЧЕ ПОЧЕСНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОМО „ИЛИНДЕН-ПИРИН“ ОД СОФИЈА

    ДВАПАТИ ЛЕЖЕВ ВО БУГАРСКИТЕ ЗАТВОРИ, СЕГА БУГАРИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ, А МАКЕДОНЦИТЕ ТАМУ ЌЕ ОСТАНАТ НЕПРИЗНАТИ, РЕЧЕ ПОЧЕСНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОМО „ИЛИНДЕН-ПИРИН“ ОД СОФИЈАСтојан Ѓоргиев (лево) на денешната 51. Семакедонска средба во битолското село Трново. (Фото: СДК.МК)

    Јас два пати по четири години лежев во бугарските затвори за македонските права во Бугарија, а сега македонската држава ќе ги впише Бугарите во Уставот, а никаде нема да биде заведено македонското малцинство таму, реагираше Стојан Ѓоргиев, почесен претседател на ОМО „Илинден-Пирин“ од Софија кој присуствуваше на денешната 51. Семакедонска средба во битолското село Трново.

    „Ја осудивме Бугарија во Стразбур 14 пати зашто не ги признава нашите права и пак не не` регистрира. Политиката на Бугарија кон Македонците е многу лоша, сакаат да ги бугаризираат Македонците. Гоце Делев, Даме Груев, Јане Сандански се бореле против бугарските врховисти кои сакале Македонија да ја припојат кон Бугарија, а сега во Битола направија клуб ‘Иван Михајлов’, најголемиот убиец на Македонците. Тодор Александров и Ванчо Михајлов не ги почитуваме. Ние Јане Сандански си го знаеме, Гоце Делчев, тоа е Македонија за нас“, рече Ѓоргиев.

    Васил Стеријовски од единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, обраќајќи се официјално од говорница побара да запрат обидите на Бугарија за негација и асимилација на Македонците во Албанија.

    „Тие имаат за цел создавање непостоечко бугарско малцинство на места каде живеат Македонци. Бугарската пропаганда меѓу Македонците во Албанија е иста како за време на Балканските војни и бугарската окупација во Првата светска војна. Албанија мора отворено да каже дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не е добрососедство, туку отворен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Албанија и грубо мешање во внатрешните работи на државата “, рече Стеријовски.

    Тој од Владата во Тирана побара унапредување на положбата и правата на Македонците таму, со новата територијална организација да не се укинува Општина Пустец, додека областите Гора и Голо Брдо населени со мнозинско македонско население да бидат посебни општини.

    На Семакедонската средба беа упатени пораки за зачувување на македонскиот јазик и идентитет, па беше побарано и укинување на договорите со Грција и Бугарија.

    Средбата ја благословија отец Пимен, митрополит Европски и архимандритот Никодим Царкњаз од Грција кој рече дека Македонија е „утробата на јазикот на сите словенски народи на што треба да се гордееме и да не го даваме“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира