Според објава на Фејсбук на еден родител од Тетово, две деца на 11-годишна возраст во средата навечер биле жртви на физичко и вербално малтретирање во самиот центар на градот. Нив ги нападнала група од пет малолетници на возраст од околу 13-14 години кои, како што наведува родителот, ги фатиле за гуша и почнале да им ги соблекуваат јакните за да видат дали имаат маици со обележја на навивачката група на ФК Тетекс, „Војводи“.
Едно од лицата што напаѓале снимало со мобилен телефон, а снимките биле објавувани на посебен профил на Тикток каде што се споделувале ваквите тепања низ Тетово.
Родителот алармира дека ова не е изолиран настан и бара од МВР да преземе соодветни мерки за да се спречат вакви меѓуетнички инциденти.
Во врска со настанот денеска се огласи СВР Тетово:
„Секторот за внатрешни работи Тетово ја информира јавноста во врска со видеоматеријалите кои се споделени на дел од социјалните мрежи, а се однесуваат на синоќешниот инцидент во кој беа вмешани неколку малолетни лица, дека според информациите на СВР Тетово, синоќа неколку малолетници се обиделе да пристапат до две 11-годишни лица со намера да проверат дали нивната облека содржи обележја на навивачка група, при што реагирале случајни минувачи и не дошло до никаков физички контакт. СВР Тетово ја известува јавноста дека видеата кои се споделуваат во дел од медиумите не се од синоќешниот настан, туку станува збор за снимки од други претходни настани. Полициски службеници од СВР Тетово преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, идентификување на инволвираните и утврдување на сите детали, со посебен фокус на превенција од какви било форми на меѓуетничка, меѓунационална или спортска нетрпеливост меѓу младите. Апелираме до јавноста за одговорно споделување информации и избегнување пласирање непроверени видеоматеријали кои можат да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
З. АНДОНОВ



