ДВЕ ДЕЦА ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ ВО ВОЗИЛО КОЕ УДРИЛО МЕЧКА НА ПАТОТ КАЈ СЕЛО НЕПРОШТЕНО

    ДВЕ ДЕЦА ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ ВО ВОЗИЛО КОЕ УДРИЛО МЕЧКА НА ПАТОТ КАЈ СЕЛО НЕПРОШТЕНОМечката го минувала патот заедно со друга поголема мечка и две мечиња, кои останале неповредени и продолжиле да се движат. (аматерска фотографија)

    Кај тетовското село Непроштено, вчера, доцна навечер, возило удрило млада мечка која се движела по патот. Мечката го минувала патот заедно со друга поголема мечка и две мечиња, кои останале неповредени и продолжиле да се движат.

    За случајот бил информиран Центарот за управување со крици (ЦУК), од каде пак соопштуваат дека во возилото, кое удрило во мечката, се наоѓале татко, мајка и три мали деца.

    „Од ударот сите од семејството во возилото, биле под голем стрес, а децата се здобиле со полесни повреди“, соопштуваат од ЦУК.

    Според проценките на ЦУК, големата мечка најверојатно е мајка на мечињата и таа со двете помали мечиња преминала кон десната страна од патот гледано од насока на Тетово кон Непроштено, додека повредената мечка останала од другата страна на патот.

    „Бидејќи се работи за урбана средина со повеќе куќи и голема раздвиженост на возила и луѓе поради што ги повикуваме надлежните институции да ги преземат сите неопходни дејствија со кои ќе се гарантира безбедноста на граѓаните но воедно ги повикуваме и невладините организации од оваа област да се вклучат во овој несекојдневен настан и да предложат мерки и постапки со кои ќе им се помогне на повредената млада мечка како и на големата мечка со двете останати млади мечки“, соопштува Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

    Oд ЦУК ги предупредуваат граѓаните да избегнуваaт движење на местото на несреќата како и во непосредната околина и да бидат исклучително внимателни бидејќи се очекува мајката да го бара своето младенче.

    Ова не е првпат на магистралниот пат Тетово – Јажинце возило да удри мечка која се движи по патот. Во октомври кај село Доброште беше прегазена и усмртена голема мечка. И во јули оваа година, исто така кај село Доброште беше прегазена мечка, и тогаш беа оштетени две моторни возила, при што беа повредени двајцата возачи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира