ДВЕ НЕДЕЛИ БЛОКИРАНО ИЗДАВАЊЕТО ИЗВОДИ ОД МАТИЧНИТЕ КНИГИ ВО ЦЕЛАВА ЗЕМЈА ПОРАДИ ПРОБЛЕМ ВО КОМПЈУТЕРСКИОТ СИСТЕМ

    ДВЕ НЕДЕЛИ БЛОКИРАНО ИЗДАВАЊЕТО ИЗВОДИ ОД МАТИЧНИТЕ КНИГИ ВО ЦЕЛАВА ЗЕМЈА ПОРАДИ ПРОБЛЕМ ВО КОМПЈУТЕРСКИОТ СИСТЕМОдделенијата за издавање на изводи од матичните книги во Штип се преполнети со известувања закачени на шалтерските стакла, а веќе втора недела стои известувањето дека имаат проблем со системот.  (Фото: СДК.МК)

    Веќе втора недела во цела држава е блокирано издавањето изводи од матичните книги на родени, венчани или умрени. На шалтерите во сите градови каде се издаваат изводи од матичните книги стојат огласните табли дека има проблем со компјутерскиот систем. Така е и со подрачното одделение во Штип, каде Управата за водење на матичните книги е сместена во зградата на Општината Штип и на едно исто место се шалтерите за издавање изводи од матичните книги на родени, венчани и умрени.

    „Имаме проблем со системот и не сме во можност да издаваме изводи. Даваме барања и пополнетите само ги примаме, затоа што компјутерскиот систем поради проблемот што го има не овозможува да се уфрлуваат податоците за странките. Го правиме тоа кратко време кога системот ќе се деблокира и податоците ги проследуваме за обработка. На странките им земаме броеви од телефоните и кога изводите ќе бидат готови ги информираме да си ги подигнат. Со овој проблем се соочени и сите останати градови во државата“, велат од штипското подрачно одделение на Управата за водење на матични книги кое работи во рамките на Министерството за правда.

    Но, директорот на Управата за водење на матични книги и евиденција Бујар Дардишта за САКАМДАКАЖАМ.МК демантира дека две недели не се издаваат изводи, венчаници, умреници.

    „Изрично демантирам дека има таква работа. Има антиковид мерка, да поднесете во месна канцеларија барање за овие матични документи, а да го подигнете на друго место, за да не се создаваат турканици. На пример, по место на живеење поднесувате барање во Бутел, а го подигате во централата во Скопје”, вели Дардишта.

    Реагираат и странките кои имаат итна потреба од изводи, но вработените не се во можност брзо да им излезат во пресрет. Само во Штип, над 100 граѓани на ден поднесуваат некакво барање за извод од матичните книги. Граѓаните реагираат и на неажурноста поради која и кога системот работи чекаат подолго време за извод.

    За бавниот и нефункционален електронски систем од кој се жалат сите вработени во управите во целата држава, поради кој службениците и рачно ги пишуваат личбите документи за да ги услужат граѓаните, Дардишта тврди дека и тоа не е точно, системот си функционира беспрекорно.

    Подрачните единици, пак, се жалат на малиот број вработени. Во Штип на пример, сега во летниот период кога се и годишните одмори работат само тројца матичари, затоа што неколку вработени заминале во пензија или во странство. Биле ангажирани млади работници кои уште се без решение и сите се надеваат дека одделението не само во Штип , туку и во останатите градови ќе бидат пополнети со потребниот број на кадар за да може, кога системот ќе се деблокира, граѓаните експресно да добиваат изводи без многу чекање.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира