ДВЕ НЕДЕЛИ СЕ БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ СЕЛАТА ФАЛИШЕ И САРАЌИНО ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ЦЕВКОВОДОТ, СПАС СЕ БАРА ВО КОПАЊЕ БУНАР

    ДВЕ НЕДЕЛИ СЕ БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ СЕЛАТА ФАЛИШЕ И САРАЌИНО ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ЦЕВКОВОДОТ, СПАС СЕ БАРА ВО КОПАЊЕ БУНАРБидејќи не може да се најде местото на дефектот, се копа бунар длабок 50-ина метри во дворот на училиштето за да има повеќе вода. (Фото: СДК.МК)

    Две недели во тетовските села Фалише и Сараќино нема вода за пиење. Од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ сите овие денови работат, но сé уште не успеаја да го најдат дефектот на водоснабдителниот систем долг 12 километри, со кој овие две села се снабдуваат со вода за пиење. Сега, при секое пуштање на водата низ цевководот наместо 15-20 литри вода во секунда излегуваат од два до пет литри, што ни од далеку не може да ги задоволи потребите на жителите на овие две села.

    „Тоа е мала количина и затоа се чувствува недостаток од вода за пиење во селата. Втората недела вака тече. При откривањето на местото каде е дефектот на цевководот наидуваме на проблеми, бидејќи мораме да копаме на туѓи имоти. Проблем е и што немаме точна евиденција за трасата на цевководот која е изменета при изградбата на автопатот кон Гостивар“, вели Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод“ при ЈКП Тетово.

    Тетовските комуналци решението за проблемот почнаа да го бараат во копање бунар длабок 50-ина метри во дворот на училиштето, од каде се очекува да се дојде до доволни количини вода за пиење потребни за овие две села .

    „Во Фалише порано имало бушотина на истата локација на која и сега работиме и која дава можност жителите на овие две села да се снабдуваат со вода. Ќе се копа до 50 метри длабочина, но сè зависи на каква подлога ќе наидеме, на карпа или на друг состав на земјиштето. Кога ќе заврши дупчењето ќе се постават пумпи со фреквентен регулатор за одржување и регулирање притисок на вода како и нивелирање на водените удари. Мислиме дека од ова место ќе дојдеме до доволни количини вода за да опслужиме двете села, а до тогаш апелираме до жителите на Фалише и Сараќино да бидат трпеливи додека не го решиме проблемот“, вели Шаќири.

    Но и трпението на жителите на овие две села е веќе при крај. Освен минималните количини вода која тече низ постоечкиот водовод, во селата секојдневно вода се носи со цистерни, но таа не е за пиење туку само за техничка употреба.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира