Градинките „Вера Циривири Трена“ и „Астибо“, кои досега беа посебни правни субјекти, со одлука на Советот на Општина Штип во иднина ќе се спојат и ќе функционираат како еден правен субјект. Наместо досегашните 14 членови во двата управни одбора, новиот заеднички управен одбор ќе брои седум членови.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, објаснува дека децата и нивните родители воопшто не треба да бидат загрижени за оваа трансформација, бидејќи за нив сè останува исто. Тие и понатаму ќе посетуваат истите клонови и градинки, каде што ќе добијат уште поквалитетни услови за сместување и згрижување.
„Ова е само административно спојување на двете градинки. Тоа значи дека нема да има двајца директори, два управни одбори, двајца сметководители или две кујни како досега, туку по еден од сите нив. Со оваа рационализација ќе се постигне основната цел – оптимизација на севкупното работење на единствениот правен субјект и значително намалување на оперативните трошоци“, изјави Јорданов.
Штипскиот градоначалник напоменува дека ниту еден од сега вработените нема да остане без работа. Среднорочната стратегија е, како што дел од вработените ќе ги исполнуваат условите за пензионирање, наместо нови вработувања да се врши реорганизација и прераспределба на работните места. Со зголемувањето на продуктивноста на трудот, дополнително ќе се подигне и квалитетот на грижата за децата.
За оваа одлука за статусна промена — односно припојување на детската градинка „Астибо“ кон градинката „Вера Циривири Трена“ — на седницата на Советот што се одржа на 30 јули, не гласаа единствено советниците од опозицијата.
Галаба Вереса од советничката група на СДСМ изјави дека сево ова се прави за да се прикријат нерегуларностите во работењето на градинката „Астибо“ од страна на поранешниот директор, за што градоначалникот јавно информираше пред еден месец.
Новата директорка, Ивана Ангеличкова (која претходно раководеше со „Вера Циривири Трена“), појасни дека новиот правен субјект ќе го носи името на постарата градинка. Градинката „Астибо“ ќе го задржи своето име како посебна работна единица (клон), која со останатите пет постојни клонови ќе функционира во рамките на новиот правен субјект.
„Веќе се подготвуваме за трансформацијата. Се осмислува новата систематизација на работните места, за која зелено светло треба да даде Советот на Општина Штип, а ќе се следат и почитуваат насоките и препораките од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Систематизацијата ќе опфати вкупно 230 вработени од двете градинки, кои згрижуваат 1.200 деца, вклучувајќи ги и учениците од прво до трето одделение со целодневен престој“, истакна Ангеличкова.
Новиот правен субјект наесен ќе стартува со истите цени за згрижување од 2.000 денари по дете. Дали економските состојби ќе наметнат минимално покачување, ќе одлучува Советот во координација со соодветното Министерство и новиот управен одбор од 7 членови. Досегашните 14 членови во двата управни одбора добиваа паушален надомест од по 1.000 денари за секоја одржана седница.
Т. ЈОВАНОВСКИ



