ДВОЈНОТО ПАРКИРАЊЕ ПО УЛИЦИТЕ Е ГЛАВНA ПРИЧИНА ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ТЕТОВО

    ДВОЈНОТО ПАРКИРАЊЕ ПО УЛИЦИТЕ Е ГЛАВНA ПРИЧИНА ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ТЕТОВОБулеварите се блокирани со паркирани коли и се одвива само по една лента. (Фото: СДК.МК)

    Двојното паркирање, односно паркирање на две коловозни ленти, е една од најголемите причини за сообраќајниот хаос на улиците во Тетово. Тоа е најизразено на булеварите каде, покрај третата сообраќајна лента која е наменета за паркирање на возилата, поради немање доволно паркинг места но и поради избегнување да се плати паркирањето, некои возачи едноставно ја оставаат колата на втората сообраќајна лента.

    Поради ова, сообраќајот по булеварите како Илинденска, Благоја Тоска и Маршал Тито се одвива само по една лента и тоа предизвикува големи застои, гужви и нервози кај возачите. Тоа посебно доаѓа го израз кога ќе наидат и автобусите од јавниот градски превоз, па честопати се случува тие да не можат да поминат од овие непрописно паркирани возила. Поради ова од центарот на градот па до излезот или обратно, за растојание од помалку од 500 метри, потребни се и по десетина минути пробивање низ закрчените улици.

    Тетовската полиција презема мерки и ги санкционира овие погрешно паркирани возила, но тоа не е доволно, па непрописното како и двојното паркирање се секојдневна појава, посебно кога на улиците нема сообраќајната полиција.

    „Минатата година на поширокото тетовско подрачје вкупно се изречени 6.373 мерки кои се однесуваат на непрописно паркирање. Најголемиот број од ланските мерки биле изречени во декември 822, ноември 772, октомври 711 и јули 691. Возилата кои го попречувале нормалното движење на другите учесници во сообраќајот биле подигнати од тетовската пајак-служба. Нивниот вкупен број лани бил 4432 возила“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Истиот тренд на непрописно паркирани возила продолжува и во оваа година. Според СВР Тетово, за овие неколку денови од јануари полицијата презела 276 мерки при што пајакот отстранил 110 непрописно паркирани возила. Овие прекршители ги очекуваат парични глоби кои, зависно од прекршокот, се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира