Во сообраќајна несреќа синоќа околу 23 часот едно лице загина, а потешко се повредени уште три лица. Сообраќајката се случила на патот од Тетово кон месноста Бањиче кај бетонскиот мост кога возилото марка „мерцедес“ со тетовски регистарски таблички управувано од 32-годишниот Ш.Г. од село Лисец, од засега непознати причини изгубило контрола, ислетало од коловозот и паднало во река.
„На местото на несреќата М.К. (44) од Тетово, поради тешки телесни повреди починала. Тешки телесни повреди добила сопатничката Ш.К. (19) од Тетово, додека сопатникот Е.Б. (34) Гостивар и возачот се задобиле со телесни повреди. Сите повредени се однесени во тетовската Клиничка болница каде им е укажана лекарска помош“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
На местото на несреќата увид извршиле претставници од Основното јавно обвинителство од Тетово и стручни лица од СВР Тетово. По наредба на обвинителот, телото на починатата е дадено за обдукција.
Иако истрагата е во тек, најверојатно причина за сообраќајната несреќа е неприлагодената брзина на возилото.
З. АНДОНОВ