Тројцата велешани кои лани во ноември беа уапсени за поседување кокаин ја признале вината и судија од Основен суд Велес им изрекол затворски казни од три до пет години. На С. Т. (50), Д. С. (44) и Р. С. (34), сите од Велес, им се судеше за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
„По предметот е донесена пресуда по признание на вина од страна на обвинетите. Обвинетиот С. Т. е огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од пет години, а обвинетите Р. С. и Д. С. се огласени за виновни и осудени на казна затвор во траење од по три години“, соопштија од Основен суд Велес.
Според обвинението, С. Т. во неговата куќа на улицата Петар Алчев преработувал чист кокаин во крек кокаин. Во тоа со умисла му помагале Р. С. и Д. С., кои престојувале во неговиот дом, така што му ставиле на располагање средства за извршување на делото. При претрес во куќата биле пронајдени 994,8 грама чист кокаин. Бранителите на обвинетите вложиле жалби на пресудата. Мерката притвор за обвинетите е продолжена и ќе трае до правосилноста на пресудата.
П. ПЕЧКОВ