Новиот Културен центар „Една роза“ во Битола всушност претставува параван за активностите на досегашниот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, вели потпретседателката на Собранието Весна Бендавска. Клубот „Ванчо Михалов“ беше избришан од Централниот регистар во март минатата година бидејќи во називот содржеше име на лице блиско до фашистичката идеологија.
Претседателот на клубот Љупчо Ѓоргиевски по денешното судско рочиште во кое е обвинет за ширење и предизвикување на расна и национална омраза и нетрпеливост, рече дека „Една роза“ не е преименување на „Ванчо Михајлов“ туку ново здружение. Во негови рамки, рече Ѓоргиевски, го одржале собирот на 1 ноември, во истиот објект каде до вечера фукционираше претходното здружение.
На тој собир Војдан Чернодрински се величеше како бугарски просветител.
На социјалните мрежи сè уште е активна фејсбук страницата на КЦ „Ванчо Михајлов“ во Битола. На неа беа објавени говорите дека делото на Чернодрински е дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите, како и тоа дека народот во него се нарекува бугарски. Во објавените постови Ѓоргиевски и понатаму се именува како претседател на Културниот центар „Ванчо Михајлов“.
Потпретседателката на Собранието и пратеничка од ЗНАМ Весна Бендевска денес до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пројава против Ѓоргиевски за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
„Од март лани до октомври годинава старото здружение е згаснато, а новото се‛ уште не е формирано, а во тој период течат активностите на Фејсбук со кои се величат името и делото на Михајлов кој е главен историски негатор на македонскиот народ. Се плука по нашите антифашистички борци кои се нарекуваат србокомунистички, борци против мајка им Бугарија. Целта е провокација и играње со чувството на македонска самосвест. Инстутуциите нека откријат како тоа повторно на истата адреса на Рузвелтова во еврејското маало под параван дека таму закупот го извршило новото здружение секојдневно се постираат активности на културен центар ‘Иван Михајлов’ и се пропагираат антимакедонски ставови“, рече Бендевска.
Против Ѓоргиевски веќе се води судски спор за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, кривичната постапка поведена од Основното јавно обвинителство од Битола.
Денешното рочиште беше одложено откако Обвинителството побара бранителот на Ѓоргиевски да биде казнет поради пролонгирање на постапката, а тој рече дека писмено ќе одговори во рок од три дена. Следното рочиште е закажано за 28 јануари.
Ж.ЗДРАВКОВСКА