Во Македонија 150 училишта имаат настава во една смена, а намерата ни е тоа сите да го направат, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, по посетата на подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во Ново Село во Штип.
„Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници“, рече Јаневска.
За да се заврши процесот, министерката кажа дека се потребни средства и време, но смета дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.
„Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“, рече Јаневска.
Т. ЈОВАНОВСКИ