ЕКОЛОГИСТИТЕ ОД ДЕМИРКАПИСКО БАРААТ ДА НЕ СЕ ГРАДИ ХИДРОЦЕНТРАЛА НА ДОШНИЦА ОТИ ЌЕ СНЕМА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ЕКОЛОГИСТИТЕ ОД ДЕМИРКАПИСКО БАРААТ ДА НЕ СЕ ГРАДИ ХИДРОЦЕНТРАЛА НА ДОШНИЦА ОТИ ЌЕ СНЕМА ВОДА ЗА ПИЕЊЕСпоред жителите на село Чифлик, ако се изгради хидроцентралата на реката Дошница, бунарскиот систем во близина на реката од кој се знабдуваат со вода за пиење, ќе пресуши. - Реката Дошница

    Жителите на демиркапиското село Чифлик бараат да се одземе дозволата за градба на минихидроцентрала на реката Дошница и целосно да се ревидира проектот. Тие стравуваат дека ако се изгради хидроцентралата ќе останат без вода за пиење, бидејќи бунарскиот систем од кој се снабдуваат со вода е во близина на реката.

    На денешниот состанок во Општина Демир Капија, кој беше свикан на барање на екологистите и жителите на Чифлик, граѓаните кажале дека нема да дозволат да се изгради хидроцентралата, која треба да се гради по пат на јавно приватно партнерство.

    „Прво инвеститорот даде изјаснување за својот проект, што и како планира да прави, на тоа ние го дадовме нашето мислење каде категорично, јасно и гласно му дадовме на знаење дека овој проект нема да помине. Од повеќе причини нема да дозволиме изградба на хидроцентралата, но најважната е стравот за нашата вода за пиење. Од таму доаѓа водата за пиење за село Чифлик, поточно бунарот се наоѓа во непосредна близина на самата река. Ако таа вода се одземе, нема да има вода за пиење”, рече Душко Ѓорѓиев од здружението “Еко Чифлик”.

    Жителите на Чифлик и екологистите му порачале на инвеститорот дека ќе се спротивставуваат до последниот жител и демонстративно го напуштиле состанокот.

    „Ја напуштивме седницата откако им кажавме дека вака замислен проектот нема да им помине. Поднесовме барање до општина Демир Капија да се ревидира проектот, односно да се прекине и да се одземе одобрението за градба. Тоа ќе значи привремено запирање на отпочнување на самата изградба” , вели Ѓорѓиев.

    Тој рече дека ќе поднесат и жалби до судот со барање да се раскине договорот за јавно приватно партнерство.
    Демиркапискиот градоначалник Лазар Петров информираше дека се расправало за повеќе аспекти за изградба на таа хидроцентрала.

    „На состанокот повикавме повеќе стручни лица и засегнати граѓани. Стручните лица го кажаа нивното за изградбата, а исто така и засегнатите граѓани. На крај заклучивме дека пред да се дадат овие дозволи, бидејќи претходно не била направена никаква јавна расправа, да се организира таква расправа, на која ќе присуствуваат сите засегнати“, рече Лазар Петров, новиот градоначалник на Демир Капија.

    Договорот за јавно приватно партнерство бил потпишан во време кога постоеше „Водостопанство Тиквеш” како посебен правен субјект. Сега тоа е подружница во новоформираното АД „Водостопанство на Македонија“, кое е во државна сопственост. Новиот директор на подружницата во Кавадарци Ристе Манев рече дека ќе ја разгледаат целокупната документација, а ќе ги имаат во предвид и барањата на населението.

    „Ние како подружница би имале бенефит од овој проект, но на скалата на приоритети најважно е водоснабдувањето, па наводнувањето и дури на крај е производството на електрична енергија“, рече Манев.

    С. ДАРУДОВА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира