ЕКОЛОГИСТИТЕ ПРОТИВ ПЛАНОТ ДА СЕ ГРАДИ ЦЕМЕНТАРНИЦА ВО КРУГОТ НА ФАБРИКА ЗА ВАР СРЕДЕ ВЕЛЕС

    ЕКОЛОГИСТИТЕ ПРОТИВ ПЛАНОТ ДА СЕ ГРАДИ ЦЕМЕНТАРНИЦА ВО КРУГОТ НА ФАБРИКА ЗА ВАР СРЕДЕ ВЕЛЕСЖителите на населбите Превалец и Тунел со години реагираа на загадувањето од фабриката за вар и каменоломот кој во 2018 Инспекторатот го забрани. (Фото: СДК.МК)

    Во кругот на фабриката за вар и каменоломот Превалец, сопственикот „Техно павер“ планира да гради цементарница. Тие за ова ја започнале постапката преку Министерството за животна средина (МЖСПП), бидејќи тоа е „А“ инсталација. Управата за животна средина на МЖСПП до Општина Велес, согласно Законот за животна средина, доставила барање на мислење за проектот – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно павер“ .

    „Следните неколку денови ќе ги искористиме за утврдување на нашата позиција, на нашиот став во врска со ова многу чувствително прашање за жителите на Превалец и населбата Тунел. Ќе консултираме и експерти и за намерите на инвеститорот што планираат да прават, со колкав капацитет, со каква технологија и какво ќе биде влијанието врз животната средина“, рече Коцевски.

    Инвеститорот планира да вложи 300 милиони долари како инвестиција за фабриката и да вработи 300 лица. Жителите на населбите Превалец и Тунел, претходните години постојано реагираа на загадувањето кое го предизвикува фабриката за вар и каменоломот, поради што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 14 ноември 2018 издаде мерка забрана за работа на каменоломот.

    И додека локалната власт сè уште на излегла со мислење за изградба на цементарница, граѓанските еколошки здруженија се против да се гради на таа локација. Еколошкото друштво „Вила Зора“ апелира до надлежното Министерство да не дозволи на граѓаните на Велес да им се случи втора Топилница.

    „После неколку години непочитување на законот од страна на „Техно павер“, за што имаме поднесено пријава во основното обвинителство, не смее да се дозволи градење на цементарница. Незамисливо е воопшто размислување за можноста за градење на цементарница среде населено место“, се вели во писмената реакција на „Вила Зора“.

    Несогласување со најавите за изградба на цементарница во кругот на фабриката за вар во Превалец, изразија и од ДОМ.

    „Неприфатливо е да се размислува за позитивно мислење од страна на локалните и националните институции за изградба и ставање во функција на цементарница среде населено место. Станува збор за цементарница во круг на индустриски капацитет, кој на многупати беше посочен како загадувач на воздухот посебно со облаци од прашина од вар на целата населба Превалец и високиот дел од Велес во населба Тунел“, кажа Стеве Дечев, претседател на огранокот на ДОМ за Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира