ЕЛЕКТРИЧНАТА ИНСТАЛАЦИЈА БИЛА ИЗВЕДЕНА СПОРЕД ПРОПИСИ ВО ДРУГИТЕ МОНТАЖНИ БОЛНИЦИ, КАЖАА НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО

    ЕЛЕКТРИЧНАТА ИНСТАЛАЦИЈА БИЛА ИЗВЕДЕНА СПОРЕД ПРОПИСИ ВО ДРУГИТЕ МОНТАЖНИ БОЛНИЦИ, КАЖАА НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО КОВИД БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВОНаредното рочиште е закажано за 6 април (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово денеска продолжи судењето за пожарот во модуларната ковид болница, кој се случи на 8 септември 2021. На денешното рочиште беа сослушани двајца вештаци од Електротехничкиот факултет во Скопје, кои рекоа дека остануваат на исказот кој го дале во писменото вештачење. Вештакот Владо Стоилков кажа дека не можело да се изврши вештачење на опожарениот објект бидејќи бил целосно уништен, туку тоа било направено на две модуларни болници од ист тип, во Гостивар и Кавадарци и посочи дека електричната инсталација во објектите била направена според прописите.

    Беа сослушани и две медицински сестри кои работеле во модуларната болница, но не биле на смена кога избил пожарот. Тие рекоа дека мислат дека во работната просторија на модуларната болница имало противпожарен апарат.

    Со оглед на тоа што дел од предложените сведоци на одбраната веќе беа сослушани како повикани сведоци на обвинителството, адвокатите на обвинетите оставија само четворица сведоци, кои треба да бидат сослушани на наредното рочиште, закажано за 6 април.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира