ЕЛЕКТРИЧНАТА ИНСТАЛАЦИЈА ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ НЕ Е ИЗВЕДЕНА СОГЛАСНО ПРОПИСИТЕ, КАЖА ВЕШТАКОТ ИРФАН ШАЌИРИ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД БОЛНИЦА

    ЕЛЕКТРИЧНАТА ИНСТАЛАЦИЈА ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ НЕ Е ИЗВЕДЕНА СОГЛАСНО ПРОПИСИТЕ, КАЖА ВЕШТАКОТ ИРФАН ШАЌИРИ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД БОЛНИЦАСудењето продолжува на 21 март (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово продолжи судењето за пожарот во модуларната ковид болница во септември 2021, во кој загинаа 14 лица.

    На денешното рочиште, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан и Ирфан Шаќири, кој е судски вештак по електротехника. Тој рече дека останува на писмениот исказ кој го доставил, а во распитот на обвинителството посочи дека електричната инсталација не била изведена согласно прописите и правилниците. Исто така, тој кажа дека приклучувањето на објектот на високонапонската мрежа на операторот било изведено од двајца вработени во Клиничката болница без изготвување документ, неопходен за ваков тип, а работата била изведена без надзор од овластени електроинженери.

    Според Шаќири, објектот бил проектиран и монтиран од фирмата „Брако“, како што барало Министерството за здравство. Според нивната изјава, нивна должност била само да го изготват и монтираат објектот на дадената локација. Во однос на електричната инсталација, немало елаборат, бидејќи, според нив, никој не им го барал.

    Можам да констатирам дека целата постапка на изведување на електричната инсталација во модуларниот објект е реализирана со недостаток на голем број документи потребни за ваков тип на градба. За ваков тип медицински објекти, постојат и европски стандарди, кои на прецизен начин ги дефинираат процесите на изведување електрична инсталација“, изјави Шаќири.

    Судењето продолжи со сослушувањето на двајца сведоци кои се затекнале во модуларната болница кога избил пожарот. Од страна на присутните во судницата му беше укажано на судот дека Обвинителството предложило двајца сведоци кои починале во пожарот, па беше исправена оваа грешка.

    Писмени докази изнесоа и четворицата обвинети: Флорим Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, економски директор на болницата и лекарот Бобан Вучески, како и Клиничката болница во Тетово како правно лице.

    И овој пат, пред судот се собра поголема група граѓани, кои бараа да се повлече обвинението против Вучески, бидејќи сметаат дека е неправедно обвинет. Судењето продолжува на 21 март.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира