Утрово Скопје осамна со билборди со порака „15 јули, Демократијата победи“ со која се одбележува една година од обидот за државен удар во Турција кој заврши со масовни апсења ширум државата. Многумина денес се револтирани од тоа што странска држава прави ваква пропаганда во Скопје, а револтот е и поради тоа што како демократски се опишува повредување на човековите права со апсењата и разрешувањата кои што следеа по обидот за државен удар и зацврстувањето на авторитарната власт на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Билбордите кои се напишани на македонски, на турски, на англиски и на албански јазик, се потпишани од Турската агенција за координација и соработка (ТИКА).
Што ќе се објави на билбордите низ Скопје зависи само и исклучиво од проценката на фирмата која го издава рекламниот простор, велат од Град Скопје, кој ги дава на користење локациите за билборди и кому фирмите за локациите му плаќаат месечен надомест. Градот вели дека нема увид во содржините кои се објавуваат ниту пак има обврска да ги контролира.
„За содржините кои се поставуваат на билбордите одговараат операторите кои ги изнајмуваат и изнајмувачите. Град Скопје нема надлежности да врши контрола и да носи подзаконски акти со кои би се регулирале содржини објавени на билборди“, вели Град Скопје.
Дел од фирмите кои ги контактиравме иако најавија, не испратија одговори на прашањата поврзани со контрола на содржината што се објавува на билбордите.
Град Скопје во 2013 склучи договори со четири фирми за користење на вкупно 1.100 локации за рекламирање. „Акцент медиа“, „Скрин-медиа“, Кала плакат“ и „Медиа-С“ добија по 200 локации за билборди, по 63 локации за сити лајт и по 12 локации за ЛЦД панели. Овие четири фирми случија договори за користење на локациите во рок од 15 години. Според тогашните најави од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во касата на Градот по основ користење на локации за билборди треба да се слеваат 1,2 милиони евра. Секоја фирма годишно требаше да плаќа по 302.000 евра.
Минатата година Градот го намали бројот на локации за рекламирање од 1.100 на 800, со објаснување дека намалувањето е всушност усогласување на Програмата за поставување рекламни паноа на Градот со фактичката состојба на терен. На многу локации се покажало дека не може да се постави билборд поради проблеми со подземниот катастар, поради зелениот катастар или поради изградба на улици, раскрсници, плоштади, инфраструктурни објекти и спомен-обележја.
Во јуни, 2012, по само 24 часа од поставувањето на уметничкото дело „Средство за самочистење на фрески“ на уметничката група од „Скопје креатива“ на билборд на булеварот Партизански одреди, тој беше отстранет. „Акцент медиа“ го отстрани билбордот оти наводно ги навредувал чувствата на христијанските верници, и покрај препораките на организаторот на фестивалот дека уметноста не треба да се цензурира и дека таа мора да биде оригинална. Билбордот на кој „чудото“ од црквата Св. Димитрија од зимата таа година кога фреските наводно плачеле беше претставено како реклама за средство за чистење, беше уметнички постер, проект на Институтот за уметности и култура како дел од фестивалот „Скопје креатива“.