На трибината за машки болести, организирана за „Мовембер“, урологот д-р Влатко Ристов од Општа Болница Велес, зборуваше за еректилната дисфункција, за која рече дека е табу тема меѓу мажите.
„Еректилна дисфункција може да му се случи на секој маж. Не е ништо срамно, не е табу тема, треба отворено со доктор да се разговара за проблемот. Сексуалниот живот е многу битен аспект од човечкото битие. Пациентите за ова не сакаат да зборуваат со доктор, прво гуглаат на интернет, па одат во аптека, ама таму каде не ги познаваат, па во некоја состојба со друштво на маса кога ќе се каже на кум, пријател, брат, па дури потоа кај матичен доктор, ама бараат упат за нешто друго не за маката што ја имаат. Кога ќе дојдат на уролог, ќе кажат откако ќе проверат дали сме сами и медицинската сестрата не е тука. Да не се лажеме, на секој маж може да му се случи, не може секој секогаш. Не мора да секој да биде супермен и не треба трагично да се сфати. Кои се причините за ерективната дисфункција, може да биде органска, психогена и комбинација од овие две. Органската е најчесто кај лица над 60 години а психогената кај помлади лица, има случаи и на млади под 30 години. Иако е бенигна состојба, еректилната дисфункција, предизвикана органски треба да се сфати сериозно, дека нешто со организмот не е во ред“, кажа д-р Ристов.
На трибината говореше и д-р Васил Тодоров, специјалист по медицинска биохемија од Општа Болница Велес, за тестовите кои се вршат во оваа здравствена институција, за рано откривање на рак на простата.
„ПСА антиген тоа е ензим кој се создава во простатичното ткиво и се излачува во ејакулатот. Мал дел од него влегува во крвта и така може да се дијагностицираат болести на простатата. Ова е најмасовен тест за рано откривање на ракот на простата. Конечниот збор за дијагноза го има урологот, кој својата одлука ќе ја донесе врз основа на анамнезата, преглед и ехо наод и овие тестови. Ние како болничка лабораторија ги работиме ПСА и фри ПСА“, рече д-р Тодоров.
Изминатиот период здружението „Мовембар“ Велес и ЈЗУ Општа болница Велес, поделија педесетина бесплатни ПСА тестови.
П. ПЕЧКОВ