Утрешниот планиран прекин на струјата во Битола ќе биде поради реконструкција и модернизација на електричната мрежа, ни рекоа од ЕВН на прашањето на што се должи овој прекин на снабдувањето со струја во овие студени зимски денови. Од ЕВН велат дека реконструкцијата и модернизацијата на мрежата е нивна секојдневна работа која се случува и во други делови на државата.
Утре, 26 декември, делови од Битола односно улиците Илинденска и Седми јули од 8:30 до 15 часот ќе останат без струја. Со вакво известување залепени се лепенки низ бандерите на овие улици. Во овој дел од градот живеат стотици семејства кои поради недостиг на организирано парно греење во Битола, се топлат на струја. Утре, на студено време со максимална температура која се очекува да се искачи само до 5 степени Целзисуови, ќе останат без струја и во незгреани простории.
На нашето укажување дека тоа се делови од градот кои нема како да се стоплат на друг начин, од ЕВН ни беше речено дека тоа е така и во другите делови до Македонија каде нема организирано греење, но мора да ја модернизираат и реконструираат мрежата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА