ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА „ЛЕВ ТАХОР“ ЌЕ БИДЕ ВО ЛАКОЧЕРЕЈ УШТЕ 10 ДЕНА, НЕМА ДА ШЕТААТ НИЗ СЕЛОТО, А ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ЗАЧЕСТИ ПАТРОЛИТЕ

    ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА „ЛЕВ ТАХОР“ ЌЕ БИДЕ ВО ЛАКОЧЕРЕЈ УШТЕ 10 ДЕНА, НЕМА ДА ШЕТААТ НИЗ СЕЛОТО, А ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГИ ЗАЧЕСТИ ПАТРОЛИТЕЖителите на Лакочереј кажаа дека не се чуствувале безбедни оти читале лоши работи за групата и побараа еврејските верници да не шетаат низ селото. (Фото: СДК.МК)

    Еврејската верска група „Лев Тахор“, која од неделата вечер престојува во охридското село Лакочереј и предизвика страв кај населението, до 6 март кога им истекува двонеделниот договор за сместување, ќе мора да го напушти хотелот. Дотогаш членовите на групата нема да можат да шетаат низ селото, а полицијата со чести патроли ќе ја обезбедува сигурноста на населението, е договорено на денешниот состанок на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, претставници на месната заедница на Лакочереј, Дебарско – кичевската епархија и преставници на СВР Охрид.

    Надлежните уверуваат дека групата од 37 членови, од кои 17 се деца, не претставува опасност за жителите на селото и повикаа на смиреност и толеранција.

    Од Дебарско-кичевската епархија ги повикаа жителите на Охридско да ја прифати религиозната група како туристи оти тие не се закана за тамошните верници.

    „Како Дебарско-кичевска епархија, сметаме дека Охрид и Охридско како туристичко место е посетено од најразлични илјадници туристи. Според сознанијата од службите, сметаме дека и оваа верска групација која престојува во село Лакочереј не претставува никаква опасност за тамошните верници и не ги загрозува нивните верски чувства“, вели Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија.

    Градоначалникот Пецаков смета дека групата не претставува опасност но, како што вели, го разбира стравот кај населението. Вети дека ќе ја посети групата и ќе ги замоли верниците да не шетаат низ селото за да не се создава страв помеѓу жителите.

    „Седнавме да поразговараме, бидејќи овие три дена е доста актуелно присуството на религиозната група на еврејската заедница и се појави страв кај населението, дали оправдан или неоправдан е сосема второстепено. Полицијата за овие две недели имала договор со сопственикот на хотелот кој ќе се испочитува, односно групата да замине од селото. Секако и тие, како полиција задолжени за чување на редот и мирот, ќе поразговараат со нив и ние како Општина. Лично и јас ќе ги посетам и ќе ги замолам да се движат во имотот на хотелот за да не се создава страв меѓу жителите, кој што во овие неколку дена е видлив. Затоа сме тука ние, заедно со институциите да ги смириме страстите“, вели Пецаков.

    Жителите на Лакочереј кажаа дека не се чуствувале безбедни оти читале лоши работи за групата и побараа еврејските верници да не шетаат низ селото. Полицијата им вети заштита со почести патроли.

    „Жителите на Лакочереј се мирни луѓе, но тоа што се направи фама по медиумите направи голем страв и паника кај луѓето. Нашата цел не беше да ги бркаме. И тие имаат право како туристи да престојуваат тука, но тој страв нас не наведе да побараме заштита од полицијата. Не сакаме да вршат обреди, мисии низ селово, а ни беше и ветено дека за 14 дена по завршувањето на договорот со хотелот нема да се продолжи престојот. Во тие 14 дена никој ниту отишол ниту помислил да ги омаловажува и навредува. Немаме ништо против групата посебно кон децата“, вели Илче Настоски, жител на селото.

    Вчера пред хотелот каде е сместена групата имаше и протест на кој незадоволните жители на Лакочереј побараа газдата да го испочитува ветеното и групата „Лев Тахор“ веднаш да замине оттаму.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира