ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА ПРЕФРЛЕНА ВО СКОПЈЕ СО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ОТИ КУМАНОВЦИ ГИ ГАЃАЛЕ СО ЈАЈЦА И КАМЕЊА

    ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА ПРЕФРЛЕНА ВО СКОПЈЕ СО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ОТИ КУМАНОВЦИ ГИ ГАЃАЛЕ СО ЈАЈЦА И КАМЕЊАМВР апелира на толеранција и солидарност со групата од 37 членови, американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка од кои повеќето од половина се деца. (Фото: СДК.МК)

    Членовите на  еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои од четвртокот престојуваат во кумановската населбата Зелен Рид, синоќа се префрлени во Скопје. Во групата од 37 членови, американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, кои имаат легални патни исправи и одобрен престој во Македонија, повеќето од половина се деца. Од МВР потврдија дека тие го напуштиле Куманово и во моментов се во Скопје, и апелираат на толеранција и солидарност со нив.

    „Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, соопштува МВР.

    Иселувањето на верниците од Куманово дојде поради лавината негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи, како и собирањето на граѓаните пред нивната куќа и фрлање со јајца и камења, поради што им беше загрозена безбедноста и мораше да ги чува полицијата.

    Поради целата контроверзија околу нивното делување и стравот на кумаовци, тие покрај тоа што се соочија со опасност од насилство, синоќа наишле и на затворени врати таму каде што требале и сакале да се сместат. Од Куманово со автобус во придружба на полицијата тргнале во 22.30 часот, а се сместиле во еден хотел во Скопје во 3 часот по полноќ.

    Еврејските верници припаѓаат на ортодоксната верска група „Лев Тахор“, која значи „Чисто срце“ кој брои околу 300 члена, и се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Поради тоа применуваат постојани молитви. Тие се цел на прогон од повеќе држави иако стручњаците велат дека се работи за пацифисти. Но поранешни членови кии ја напуштиле сведичат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови и малолетнички секс.

    Група до минатата недела престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако и завршил престојот дошле во Македонија. Тука планирале да останат извесен период и потоа да продолжат понатаму.

    Тие претходно ја напуштиле Канада откако нивниот водач и неколку членови биле обвинети и лани во ноември во САД осудени за киднапирање 14-годишна девојче и 12-годишно момче од мајка која претходно била дел од групата што подоцна ја напуштила. Според американските власти, еден од лидерите  вмешан во киднапирањето е брат на жената чии деца ги грабнал за да ги врати во групата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира