Толкувањето на стручните лица од велешката фабрика за вар и каменолом дека тоа што жителите го гледаат со месеци е водена пареа, а не бела прашина ги разлути присутните на јавната трибина организирана за загадувањето на населбите Превалец и Тунел. По тригодишна работа на новиот сопственик на варницата „Техно Павер“, за прв пат се огласи во јавноста преку правникот Виктор Јовановски, кој потсети дека тие се фабрика која располага со А интегрирана еколошка дозвола.
„На месечно ниво се вршат испитувања на штетна емисија на честички гасови, на што сме обврзани. Досега никогаш не се надминати максимално дозволените граници. Се планира да се постават дополнителни филтри кои ќе ги задоволуваат и најригоризните светски стандарди. Чадот кој се гледа и на кои жителите реагираат е водена пареа, која се испушта како дел од процесот на хидратизација. Згора на тоа, фабриката е изградена 1954 и тогаш околу неа немало куќи, кои се изградени подоцна. Поради неа дошле луѓето да живеат тука“, рече Јовановски.
На ова жестоко реагираа без исклучок присутните жители на населбите Тунел и Превалец. Ги побараа резултите според кои раководството тврди дека нема аерозагадување.
„Не нѐ правете малоумни. Ова се прикаски за мали деца. Каква е таа водена пареа која наместо горе во воздухот се спушта на земја? Во мојата соба има прст прашина. Не се дише. Ни го загорчивте животот, нѐ отрувте. Ова што ни го прочитавте е навредливо за нас, за жителите. Ние сме подготвени да излеземе и да се браниме. Топилница сите ја помнат, нема да дозволиме втора. Бучавата од минирањето е над дозволената граница, минирањето оштети повеќе куќи во новиот дел на градот“, рече жител на Превалец на јавната трибина.
Државниот инспектор за животна средина за подрачјето на Велес, Кавадарци и Неготино, Јонче Димков пред присутните кажа дека извршувајќи ја неговата работна обврска во два наврати бил физички спречен во тоа од вработен и сопственикот на фабриката.
„Имав големи закани, притисоци, што е документирано во СВР Велес и се наоѓа пред надлежните судски органи. Бидејќи инспекторатот работи тимски, колеги го преземаа овој предмет. Извршени се амбиентални мерења, рокот е продолжен и деновиве резултатите ќе бидат познати, по што се очекува да биде изречена глоба за непостапување по решение. За вториот предмет, колега изврши увид во инсталацијата. Записникот беше готов, но за жал тој инспектор по некој ден почина од струен удар извршувајќи службена задача и тој предмет не знам каде е сега“, рече Димков.
Димков потенцира дека Државниот инспекторат за животна средина не вршел мерења, оти немал своја сопствена лабораторија, а Министерството за животна средина имало лабараторија но немала акредитација. Тој кажа и дека лани во август и септември во реката Тополка се случија два помора на риба, обвинета беше фабриката, но не се докажало во постапката дека таа е причинител на загадувањето на реката.
По ова, се јави лицето кои физички го нападнало инспекторот, јавно му се извини пред сите присутни и кажа дека фабриката за вар работи на штета на граѓаните, но и на 60-та вработени.
П. ПЕЧКОВ