ФОНДОТ НА БРАЌАТА МАНАКИ E ДИГИТАЛИЗИРАН ВО БИТОЛА И ДОСТАПЕН ЗА ЦЕЛ СВЕТ ВО БРИТАНСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО ЛОНДОН

    ФОНДОТ НА БРАЌАТА МАНАКИ E ДИГИТАЛИЗИРАН ВО БИТОЛА И ДОСТАПЕН ЗА ЦЕЛ СВЕТ ВО БРИТАНСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО ЛОНДОНОва е најистржуваната архивска збирка во Битола, а и во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Фондот на браќата Милтон и Јанаки Манаки е зачуван во Државниот архив во Битола и станува достапен за целиот свет преку платформата на Британската библиотека во Лондон. Заврши двегодишниот процес за дигитализација на 25.000 фајлови со фотографии, негативи и документација зачувана во Архивот од првите сниматели на Балканот.

    Во Офицерскиот дом во Битола изминатава недела се одржа завршниот настан на проектот „Времето навистина запре“ за чување на наследството на Манаки, со изложба на дигитализираните негативи и фотографии. Преку проектот поддржан од Британската библиотека и Фондацијата Аркадија, дигитализирани се околу 7.000 стаклени плочи (негативи), околу 3.000 рол и план филмови и на околу 10.000 оригинални фотографии. Хард дискот пред две недели беше испратен за Британската библиотека.

    Во Офицерскиот дом во Битола изминатава недела се одржа завршниот настан на проектот „Времето навистина запре“. (Фото: СДК.МК)

    „Фондот на браќата Манаки го доби заслуженото место, онака каква што била желбата на Милтон еден ден да се зборува за него на Балканот. Но, ние одлучивме да ги прескокнеме тие граници и да излеземе малку и во Европа, а зошто да не и во светот“, рече Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола.

    Ова е најистржуваната архивска збирка во Битола, а и во Македонија. Сега ќе биде лесно достапна за истражувачи од целиот свет.

    „Создадовме метадата каде ако некој истражувач сака да користи нешто од огромниот опус на браќата Манаки, со едноставно пребарување на еден клучен термин ќе може на многу лесен начин да дојде до тие податоци брзо и ефикасно, што досега не беше случај и се пребаруваше на аналоген начин“, рече Ивана Хаџиевска, историчарка во Архивот Битола.

    (Фото: СДК.МК)

    На дигитализацијата работеше тим од десетина архивисти кои на почетокот не беа технички потковани како да ги спроведат постапките, но со соодветна обука, опрема и голема посветеност успеаја да се обучат во професионалци кои во иднина ќе можат да дигитализираат и други материјали. Во рамки на процесот се конзервира и заштити оригиналниот материјал од фондот со што се спречи негово евентуално оштетување.

    (Фото: СДК.МК)

    „Мораше да се дејствува брзо, да се реставрираат, конзервираат, дигитализираат, за навек ги зачувуваме. Се препакуваа во соодветни pH- неутрални обвивки, ги сместивме во метални ормари и фиокари кои ќе гарантираат нивна благосостојба. Кога ќе почне еднаш да се уништува материјалот тој процес е неповратен. Состојбата на некои план филмови беше навистина лоша. Но, ние успеавме да го спречиме тој процес да ги заразува и останатите. Со ова и тоа како ја подобривме состојбата на оригиналниот материјал кој останува да се чува во нашите депоа. Нема зима повеќе за материјалите“, рече Марија Дурлова, една од координаторите на проектот.

    (Фото: СДК.МК)

    Димитар Ѓоргиевски, дел од тимот на архивски работници и координатор на проектот, рече дека со овој настан фондот на браќата Манаки не е затворен. Тој нуди уште многу, бидејќи останува голем дел необработен. Има фотографии кои се чуваат во депото на Архивот и треба да се обработат, дигитализираат и промовираат.

    Изложбата по Битола, деновиве беше отворена во Европска куќа во Велес.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира