Со фонд од 6 милиони денари Фондот за иновации и технолошки развој ќе финансира идеи и идејни решенија со кои ќе се придонесе за намалување на загаденоста. Овие средства се наменети за идеи кои треба да потекнат од микро, мали и средни претпријатија кои ќе понудат технолошко решение кое како резултат ќе има намалување на степенот на загадувањето на воздухот со штетни материи.
„Сакаме да ги поттикнеме компаниите сами да размислуваат креативно и иновативно и да ги видат можностите кои ги нуди Фондот. Како фонд ние би финансирале идеи и решенија за менување на навиките во сообраќајот, проекти во делот на менување на навиките за загревање, како на пример нови технологии во затоплувањето кои ќе ги намалат штетните емисии на гасови, или нови идеи во делот на урбанизмот и градењето. Ова се трите фокус области за кои очекуваме да добиеме идеи за кои, ако се иновативни, ние како Фонд ќе дадеме средства за нивно развивање“, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој на презентацијата во Тетово.
Овој караван на Фондот за иновации ќе посети уште неколку градови во Македонија, каде исто така ќе се презентира конкурсот и ќе се работи на поттикнување на претпријатијата да излезат и понудат идеи за намалување на загаденоста на воздухот.
З. АНДОНОВ