ГЕРАСИМОВСКИ БАРА ОД БОЧВАРСКИ ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ СО КОЈ  ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ДООФОРМУВАЊЕ ПАРЦЕЛА ЌЕ СЕ ПРОДАВА СО 70 ОТСТО СОПСТВЕНОСТ, НАМЕСТО СО 30

    ГЕРАСИМОВСКИ БАРА ОД БОЧВАРСКИ ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ СО КОЈ  ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ДООФОРМУВАЊЕ ПАРЦЕЛА ЌЕ СЕ ПРОДАВА СО 70 ОТСТО СОПСТВЕНОСТ, НАМЕСТО СО 30Според одредбите во Законот за градежно земјиште кои беа донесени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ  6 години се на власт и досега ништо не направија да се смени законот, државно земјиште се продава за доооформување на парцела со 30 отсто приватна сопственост. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар бара Министерството за транспорт и врски да донесе измени на Законот за градежно земјиште, со кои државно земјиште за дооформување градежна парцела ќе се продава само со над 70 отсто сопственост на земјиштето. Според сегашните одредби во Законот за градежно земјиште кои беа донесени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ  6 години се на власт и досега ништо не направија да се смени законот, државно земјиште се продава за доооформување на парцела со 30 отсто приватна сопственост.

    На вчерашната седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски до советниците поднесе предлог-иницијатива за измена и дополнување на постоечкиот Закон за градежно земјиште.

    „Општина Центар смета дека со постоечкото законско решение, во делот кога градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува за оформување на градежна парцела, земјиштето сопственост на РСМ не е во целост заштитено. Односно, истото е расцепкано поради што не може да биде предмет за реализација на капитален проект или друг објект од јавен интерес. Со иницијативата се предложува соодносот за оформување на градежна парцела да се смени и наместо сегашните 30% од градежната парцела кои лицето подносител ги има во сопственост, да се изменат во 70%, односно можност за откуп на градежна парцела да имаат само оние лица кои ќе поседуваат сопственост од минимум 70% од градежната парцела“, рече градоначалникот Герасимовски.

    Иницијативата на Герасимовски беше изгласана од советниците во Советот на Општина Центар и сега таа ќе биде испратена до ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски.

    Последен случај на продожба на државно земјиште за доооформување на парцела беше за кулите кај „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје, каде просторот каде сега се наоѓа паркингот им беше продаден на фирмата „МГ Фешн“ и  Македонската православна црква (МПЦ-ОА). На тој начин им се овозможи да ги градат трите 20-катници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира