За време на василичарските одбележувања во селото Мокриево, Општина Ново Село, деновиве се собраа повеќе посетители отколку што селото има жители. Во рамки на традиционалните „Странчинарски игри“, кои мештаните ги организираат секоја година, учествуваа десетина маскирани групи со околу 200 василичари, а манифестацијата ја следеа неколку стотини посетители од различни делови на Македонија и од странство.
Карневалот се одржа во планинското село под Беласица, каде што жителите веќе две децении ја реализираат оваа народна манифестација во сегашниот формат.
„Традицијата во селото Мокриево е вековна. Седум дена по Божиќ организираме василичарски обичаи. Прогласуваме најдобри маски и најдобри групи со атрактивни маски и маскенбалска презентација. Претходниот ден во селото се палат три огнови за да се истераат злите духови, а утредента се вари ракија и се подготвува качамак со пржени колбаси, кои се послужуваат на сите присутни“, вели еден од организаторите, Живко Спасов.

Карневалот се одржа во планинското село под Беласица, каде што жителите веќе две децении ја реализираат оваа народна манифестација во сегашниот формат. (Фото: СДК.МК)
Тој рече дека годинашното одбележување било едно од најмасовните досега, со учесници од Прилеп, Велес, Берово, Струмица и други градови во државата, како и поголема група од соседна Бугарија.
„Најважно беше дружењето и одбележувањето, но манифестацијата има и друга цел. Со овие стари народни традиции и со проектите што ги реализираме преку Општина Ново Село се обидуваме, колку што можеме, да ги вратиме иселениците. Трагичен е податокот што од околу 500 куќи во селото, или 70 проценти, се празни. Од над 2.000 жители, денес бројот е намален за ист процент“, вели Спасов.
Тој додава дека и самиот живее во странство, но секоја година за Василица се враќа во родното село и со месеци учествува во подготовките за манифестацијата.
Т. ЈОВАНОВСКИ



