Веќе притворениот 54-годишен М.В., жител на струмичко Добрејци, кој е обвинет за убиството на Ристо Иљашев,е осомничен дека е убиецот и на 62-годишниот струмичанец Александар Мицев, кој се водеше за исчезнат од октомври минатата година, а неговото тело почетокот на месецов беше најдено во браната Турија. Полицијата вели дека убиството се случило во октомври минатата година во деловниот простор на притворениот во Добрејци, откако веќе починатиот Мицев отишол да си ги зема парите за продадена деловна просторија за што веќе склучиле договор пред адвокат.
„На 09.10.2018, пријавениот го извршил убиството врз А.М. во неговиот деловен објект во село Добрејци, каде го има повикано со изговор да му ги исплати парите за купената деловна просторија, така што го застрелал со огнено оружје со калибар 5,6 мм, а потоа го ставил телото во метален камионски резервоар за гориво, и го потопил во водите на брана Турија на место викано ‘Рајанци’. Од извршената обдукција во Судска медицина Скопје утврдено е дека пронајдениот машки труп е А. М“, кажа Хризантема Рендевска од МВР.
Во водите на браната Турија беше пронајдено и телото на Ристо Иљашев. И двајцата се убиени со ист пиштол и фрлени во Турија на иста локација.
„При обдукцијата бил изваден проектилот со кој бил застрелан при што е утврдено дека се работи за проектил со калибар 5,6 мм, исто како во случајот со претходно убиство на Р.И. од Струмица, чие тело беше пронајдено исто така во водите на брана Турија во непосредна близина на местото каде е пронајден А.М., за што СВР Струмица веќе поднесе кривична пријава до ОЈО Струмица поради основано сомневање дека пријавениот сторил кривично дело убиство“, рече Рендевска.
Осомниченото лице веќе месец дена се наоѓа во притвор за убиството на Иљашев а во наредниот период Јавното обвинителство треба ја разгледа и втората кривична за убиство од МВР против М. В од Добрејци кој бил во блиски врски со веќе убиените Иљашев и Мицев.
В. ТРАЈКОВ