Тоа што домаќинствата, а и индустријата користат несоодветни средства за загревање е главната причина за енормно загадениот воздух во градовите, смета министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Тој денеска, при посетата на Општина Тетово и средбата со градоначалникот Билал Касами, најави дека наскоро треба да почне постапка за секундарна гасификација, како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
„Главната причина е што го домаќинствата и индустриите во зимскиот период користат секакви средства за греење. Затоа преку зима има проблеми, а нема преку лето. Главна иницијатива ќе биде веднаш, во најскоро време да почнеме постапка за секундарна гасификација на цела Македонија, а посебно на урбаните средини. Воедно, ќе се градат и гасни централи кои ќе помогнат на граѓаните да им понудиме алтернатива гасификација и топлинска енергија, а ќе продолжиме и со проектите како што се набавка на инвертери“, изјави Меџити, без да елаборира врз основа на кои податоци го изведе заклучокот за причините за загадениот водух.
Тој кажа и дека ќе има поволности и за такси компаниите кои ќе набават електрични возила, при што тие ќе бидат ослободени од царински давачки.
З. АНДОНОВ